За прв пат годинава во Охрид ќе се организира Лазарева поворка, информираат од здружението „Лазареви поворки – Охрид“.
Поворката ќе се одржи на 4 април (сабота), со почеток во 11 часот, а собирното место е на плоштадот „Св. Климент Охридски“, од каде учесниците ќе се упатат кон храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско.
Пред почетокот на поворката, на плоштадот ќе се делат врбови гранчиња на сите учесници.
Лазарева сабота е празник исполнет со радост и надеж, кога се одбележува чудото на воскресението на Лазар, а во народната традиција се поврзува со лазареви поворки во кои учествуваат деца и возрасни.
Овој обичај има длабоки корени во македонската духовна и културна традиција, кога децата со врбови гранчиња и пролетни цвеќиња, пеејќи, се упатувале кон храмовите.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат и да бидат дел од оваа радосна поворка, продолжувајќи ја традицијата и подготвувајќи се за претстојните празнични денови.
