Запален автомобилот на новинарката Сузана Вренцовска

Синоќа околу 21.30 часот на улицата Париска комуна во Охрид e запалено возилото на дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК Сузана Вренцовска. Колата е запалена во дворот на семејната куќа, во гаражата каде било паркирана. Вренцовска е дописничка на САКАМДАКАЖАМ.МК изминативе пет години.

На лице место пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид и полициски екипи на СВР Охрид, а по наредба на јавен обвинител возилото „бмв х3“ е земено за вештачење.

„На 05.01.2025 во 21.30 часот во СВР Охрид, С. В. од Охрид пријавила дека пред нејзиниот дом на улица Париска комуна во Охрид било опожарено нејзиното патничко возило ‘бмв х3’ со охридски регистарски ознаки. Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Охрид, а по наредба на јавен обвинител возилото било однесено во кругот на СВР Охрид. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, вели портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Здружението на новинари на Македонија бара Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за запаленото возило на дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК од Охрид Сузана Вренцовска. Возилото беше запалено синоќа околу 21:30 часот во дворот на семејната куќа на Вренцовска, во гаражата каде што било паркирано. Како што велат од ЗНМ, според првичните информации, постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт.

Од ЗНМ велат дека брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразувањето и за спречување на самоцензурата кај новинарите.

„Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент. Овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Дополнително, ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 беше запалено возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум ‘М-нет‘ од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, можат да создадат чувство на несигурност помеѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес“, соопшти ЗНМ.

Од ЗНМ велат сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани