Започна реконструкција на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, прва од неговата изградба пред повеќе од седум децении. Станува збор за значајна инвестиција која ќе опфати обнова на терминалната зграда и изградба на нов административен објект. Целта е модернизација на аеродромот, подобрување на условите за патниците и зголемување на капацитетите за повеќе авиолетови.

„Се работи за проширување на оперативниот капацитет на терминалот, проширување на капацитетите за пријавување на патници и багаж, со што просторот ќе се подобри и ќе биде поефикасен. Проширување на зоната за безбедносна контрола на патници и багаж. Административната зграда ќе се прошири“, вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Премиерот Христијан Мицковски најави договор со нов тур-оператор кој ќе донесе значителен број ноќевања на охридското крајбрежје надвор од туристичката сезона.

„Анализите покажуваат, врз основа на досегашната соработка со овој тур-оператор, дека гостите кои тие ги носат дневно трошат, вклучително со сместување и останатите услуги. Што значи дека надвор од сезоната имаме значителен приход за туризмот и угостителството на охридското крајбрежје, што сметам дека ќе биде додадена вредност за економијата во овој регион“, вели премиерот Христијан Мицковски.
Од денес стартува летниот распоред на летови, со воведување на нова авиолинија Охрид – Милано. Од охридскиот аеродром ќе оперираат повеќе авиокомпании кон повеќе европски дестинации.

„Почнуваат да се отвораат дестинации без субвенции, што значи дека политиката за правење на атрактивни овие два аеродроми веќе дала резултати. Компаниите отвораат нови линии и без државни субвенции“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт.
Реконструкцијата ќе се реализира во рамки на концесискиот договор со операторот, а градежните зафати се очекува да завршат во текот на годинава.



