Според статистиките, во општина Охрид, 145 граѓани годишно умираат директно или индиректно од загаден воздух, а сѐ поголем број заболуваат од болести директно поврзани со загадувањето и лошиот квалитет на живот. сметаме дека градоначалникот Пецаков и сите други кандидати имаат сериозна морална обврска да го споменат слонот во собата и да кажат како со конкретни чекори ќе ја намалат оваа смртност во Охрид, пишуваат од Збогум Буково.
-Овие избори не смеат да поминат без јавни и отворени заложби за решавање на најмачните проблеми на охриѓани и сите други граѓани од околните населени места; Буково, загадениот воздух, сѐ поголемиот и посериозен број на ѓубришта низ целата општина, одлагањето на опасен и канцероген отпад, намалениот број на зелени површини и зголеменото загадување на најголемиот резервоар на питка вода и извор на животот во Охрид, Охридското Езеро. Моментално се прават активности за спроведување на првиот систем за управување со отпад во двата региони, југозападен и пелагониски и сите напори во Охрид остануваат на двајца личности од општината, комуналното претпријатие и граѓаните. Без конкретна континуирана поддршка од градоначалникот, без нивната целосна посветеност и разбирање на сериозноста на овие проблеми, без земање во раце и сработување на она што веќе е планирано, загадувањето и бројот на мртви и новозаболени ќе се зголемува. Проблемот веќе е преголем и секој ден во којшто не се спроведуваат конкретни мерки е еден изгубен ден од животите на нашите деца, стои во соопштението до јавноста од Збогум Буково.
Од Збогум Буково велат кандидатите да се одважат и конечно да проговорат што ќе прават со еколошките проблеми во Охрид бидејќи тие треба да знаат дека оваа еколошка криза што ја живееме е криза на јавното здравје.
Во соопштението стои:
-Од сите кандидати, од името на над 50.000 граѓани на оштина Охрид бараме да се јасни со временски конкретизирани активности за следниве горливи проблеми:
– Постојаното чадење на Буково и ризиците кои ги носи по здравјето преку целокупното загадување како на воздухот така и на подземните води;
– Функционална инфраструктура за селекција на отпад;
– Регионална соработка за изградба на регионална депонија според највисоки стандарди и конечно правилно управување со ѓубрето (ова е проблем на сите нас не само на битолчани);
– Изградба на собирен центар за кабаст, зелен и опасен отпад со цел спречување на создавање ѓубришта или т.н. диви депонии;
– Изградба на компостарница за искористување на огромните количини зелен отпад;
– Ефикасност на инспекциските служби за животна средина;
– Загадувањето од лавиринтот којшто се создава заради неконтролираната урбанизација;
– Неправилното управување со урбаното зеленило и неговото постојано уништување;
– Потребата од алтернативни опции за транспорт, безбедни велосипедски патеки, безбедни тротоари и улици;
– Потребата од зелени површини во градот со цел намалување на загадувањето, зголемување на отпорноста кон климатските промени и зголемување на квалитетот на животот најмногу на децата и највозрасните.
За крај велат сепак има надеж, а надежта ја гледаме во оние што доаѓаат да ги заменат возрасните, тоа се нашите деца. Учениците од четири основни училишта во Охрид веќе цела година ги собираат пластичните шишиња, лименките и ситниот електронски отпад не само во рамките на училиштето туку и во целата околна населба. Тоа се илјадници пластични шишиња, лименки и батерии кои не горат на Буково.
