Собранието попладнево, со 110 гласови „за“, ниту еден против и воздржан, во рамки на 144. седница, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината. Согласно измените, рокот за вадење нови возачки со ознаката „Република Северна Македонија“ наместо до вечерва на полноќ, се продолжува до 31 декември 2024.
-Преку меѓусебен консензус, сите координатори на партиите дојдоа до заедничко решение, на оваа седница да предложат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка. Се работи за мали измени, односно одредбата во која стои 12 февруари 2024 (денес), се менуваа со 31 декември 2024 или до крајот на годината. Сметаме дека ова законско решение ќе овозможи намалување на долгите редици чекања. Со оглед на кратките рокови и непознаниците кај граѓаните, би апелирал до политичките субјекти во и надвор од Собраниоето, да не ја злоупотребуваат темата зашто во овој момент треба да се најде брзо решение за личните документи на граѓаните, нагласи Мицевски.