Во преполна сала со громогласни аплаузи и мнпогу емоции вечерва беше промовиран документарниот филм на охридскиот режисер Илија Пиперкоски – Раскажи песна „Охрид, Охрид убав мил“. Филмот ја раскажа приказната за настанувањето на култната песна Охрид убав мил, која е врежана во историјата на градот.
– Ми преставува чест што оваа година, програмата ќе заврши со проекција на мојот филм „Охрид, Охрид убав мил. Како режисер на овој проект, со задоволство презентирам серијал што ги истражува душевните наративи вградени во македонските народни песни, особено фокусирајќи се на чалгиските и староградските мелодии. Оваа серија е визуелно патување во срцето на македонското наследство, додека навлегуваме во универзалниот јазик што ги поврзува генерациите – музиката. Документарниот серијал „Раскажи песно“ се обидува да ги разоткрие приказните вткаени во ткивото на чалгиските и староградските песни, претставувајќи го културното богатство на Охрид, град со право наречен „музеј“ и „уметничко богатство“ низ вековите. Филмот „Охрид, Охрид, убав Мил“, служи како вовед во серијата, истражувајќи го потеклото и инспирацијата зад иконската песна која е како химна на Охрид. Оттаму, секоја епизода расплетува нова народна песна, навлегувајќи во обичаите, навиките и обичните случки од минатото на Охрид. Серијата кулминира со рефлексивно финале, истражувајќи го наследството што го оставија овие песни и нивното трајно влијание врз современите генерации, појаснува режисерот Пиперкоски.
Идејата е да се изработи документарен серијал од повеќе документарни филмови за настанувањето на безвременските староградски песни, кои ќе останат врежани во историјата.