Корупцијата во земјава има длабоки корени, денес е системски проблем и ја има подеднакво во сите пори на општеството. Од највисоката власт извршна, законодавна, судска, се до ниските слоеви. Научната фела вели, поткупот царува на сите страни од најситните службеници, па се до високи функционери.
Земјава има добра правна рамка за борба против корупцијата и организираниот криминал усогласена со европските норми и стандарди, но клучна е политичката волја.
-„Изворите на корупција се во политичките партии, оттаму почнува се. Без една радикална реформа политичките партии и правниот режим за политичките партии кои мораат да се подредат на владеењето на правото, да го пичитуваат Уставот и законите“, вели професорот Владо Камбовски.
Работна група веќе три и пол години заедно со ОБСЕ подготвува нов кривичен законик во земјава, тој е во завршна фаза и треба да влезе во собраниска процедура, но последните измени на кривичниот законик се упад, оценуваат експертите, велат тие се изгласани преку ноќ и може да донесат вето за владеењето на правото.
-„Немаат тие закони ефект ако имотот што е нелегално заработен се конфискува. Вие ќе го осудите ќе одлежи затвор меѓутоа милиони се одлеале и тој имот треба да се најдат механизми прецизни да се конфискува. Тоа во значајна мера би го намалило степенот на корупција“, вели професорот Таки Фити.
Според научната фела корупцијата ќе се намали со забрзување на процесот за евроинтеграции во земјава, рефори во судскиот систем, но и политичката волја на партиите кои се на власт.
„Ќе продолжиме да правиме се, се што е во наша моќ за почитување на човековите права.Сите ние имаме удел во трансформација и градење на фер и демократско општество“, истакна Викторија Елиот – директор на канцеларијата за Меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите при Амбасадата на САД во земјава.
Препознавање на корупција и организиран криминал се темите на Осмата Охридска школа за владеењето на природното право, каде ќе предаваат еминентни професори, судии и обвинители.
Соња Рилковска