Недоволно се води грижа за културното наследство во земјава. Ова е ставот на македонските археолози, кој велат најкритично е во Охрид, градот под заштита на Унеско.
Најрепрезентативните локалитети меѓу кои Плаошник и Самоиловата тврдина не ја добиваат заслужената заштита и грижа за нивно одржување. Експертите сметаат дека потребно е поголемо внимание, но и повеќе финансиски средства бидејќи вековното богатство е изложено на опасност, може да претрпи штети кои тешко ќе биде да се поправат.
-„Не се води доволна грижа за нивното одржување, ако одите сега на самоилова тврдина ќе видите зарастени дрвја и вегетација по ѕидовите кои што ги уништуваат ѕидовите. Вегетацијата тоа го прави. Треба поголемо внимание, и поголеми финансии да одвои државата за да се одржуваат тие наши споменици. Загрозени се Самоилова тврдина, Плаошник дури и наколната населба ако не се одржува ќе почне да пропаѓа“, вели археологот Паско Кузман.
Освен во Охрид културното наследство на територија и на целата држава е во многу лоша состојба. Одредени локалитети се толку запоставени што не можат да служат за презентација.
-„Моментално е во лоша состојба, треба многу инвестирање за да ја подобриме состојбата во заштитата и презентацијата на културното наследство. Тоа да го направиме ресурс кој што ќе почне да враќа пари назад за државата. Најголем дел од археолошките локалитети и споменици не се во состојба за презентација“, вели Орданчо Петров од Институтот за старословенска култура.
Недоволната заштита на културното наследство е критика на Унеско за Охрид во секој извештај, од таму алармираат дека недоволно се чува и заштитува споменичното добро. Експертите велат неопходна е соодветна заштита, презентација и промоција на археолошките локалитети и споменици на културата кои ја претставуваат нашата историја и имаат непроценлива вредност.
Новинар Соња Рилковска