Родилката од Дебар, Јилдаз Веапоска, на која при породување во струшката болница и беа извадени три органи, поднесе претставка до Судскиот совет. За нејзиниот предмет нема закажано рочиште. Последното судење, во јули годинава беше одложено на неопределено време, со што после две години судскиот процес се врати на почеток, бидејќи и судијата и обвинителот заминуваат во пензија.
Таа вели судијата, само овој месец одржал четири рочишта за други кривични дела, но се откажал од нејзиниот предмет.
-„Пратив претставка до Судскиот совет, барање да се испита работата во судот во Струга. И очекувам да има рочиште, очекувам да ја добијам правдата, но кога ќе ја добијам првдата во нашата држава не знам. Дали ќе има правда, кој судија ќе суди“, вели Јилдаз Веапоска оштетена.
Во текот на судскиот процес имаше многу одлагања, но се одржаа и повеќе рочишта.
Вештаците одговорноста ја лоцираа кај докторот кој ја водел бременоста и породувањето, но и кај сите лекари и целокупниот медицински персонал во болницата.
Вепаоска бара Судскиот совет да го додели предметот, да добие рочиште за да се заврши судскиот процес.
-„Барам јавно до Судскиот совет да се преземе мојот предмет и да се суди во повисок суд, каде што ќе нема пензионирани судии, каде што ќе се води постапка и ќе има крај,ќе има правда за мене и ќе има казна за Блертон Асани, за Мухамед Асани и Лилјана Јовановска“ додава Веапоска.
Во судскиот процес тројцата лекари се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето. Тие при укажување лекарска помош примениле неподобно средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствена состојба на родилката, поради што таа остана без јајник, бубгрег и матка.
Новинар Соња Рилковска