Поради административни бариери постои ризик да пропадне проектот за Дневен центар во Охрид

Доколку до крајот на октомври не завршат сите административни процедури, ќе пропадне сонот за отворање на Дневен центар за децата со посебни потреби. Ќе пропаднат и обезбедените средства за негово опремување во просториите на поранешната касарна.

Проектот е на општина Охрид и здружението Вопс , но настанаа административни проблеми околу просторот.  Општината го отстапи, но проблемот се јавил поради тоа што државата претходно го дала на користење просторот на општината.

-„Проектот ни беше одобрен и договор се потшиша во декември со министерството, меѓутоа ние се уште не сме започнати со реализирање на проектот затоа што сме заглавени со административни процедури, кои што многу не кочат, а се работи за деца и човечки судбини. Тој дневен центар требаше да згрижи околу 20 до 30 деца некои со осумчасовна грижа тука. Градоначалникот ги потшиша сите потребни документи тука дека ке ни се даде дополнителен простор“, вели Весна Габелоска од Инклузивната игротека Радост.

Според проектот на простор од 400 метри квадратни ќе се згрижуваат децата со посебни потреби, ќе има вработени дефектолози, логопеди, физиотерапевти и негователи кои треба да се грижат за достоинствен живот на децата со посебни потреби.

-„Сега сме на крај, или ќе ја завршиме оваа процедура со документација, или проектот воопшто нема да з апочне затоа што имаме рок за реализација да заврши целосно прво имавме 6 месеци за опремување и 12 месеци за давање на услугата затоа што здружението ќе се лиценцираше и ќе ја дававме оваа услуга, а потоа министерство ќе преземеше со финансирање на плати“, додава Габелоска.

Во комплексот касарна од декември 2022 година  работи првата Инклузивна игротека „Радост“, катче каде децата со посебни потреби се социјализираат, згрижуваат и дружат. Проектот е на здружението В.О.П.С ,со поддршка Охрид се спроведуваше во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 која е финансирана од Европската Унија, преку програмата на  УНДП. Проектот заврши, а денес за опстанокот на ова катче се грижи општина Охрид.

Сонот беше игротеката да прерасне во Дневен центар, за што се обезбедени 150 000 евра грант од Светска банка, но поради административните бариери постои опасност тие да пропаднат.

Новинар Соња Рилковска

 

 

 

 

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани