Во ек на сезона затворен влезот на Охрид, кај Подмоље. Поради градежни зафати на дел од автопатот Охрид Кичево, кој се гради веќе седум години, возилата се пренасочуваат по стариот пат. Според првичните најави патот ќе биде затворен 45 дена.
-Ова на Охрид шо му го правите немат смисла..Ниту идеја, ниту желба уште помалку реализација…
7 години не помрдна „автопатов“ сега на почеток на туристичка сезона 45 дена го затворате влезот на Охрид и се пренасочува цел сообраќај по стариот пат, пат кој нема капацитет да прими толкава голема бројка на возила и хаосот кој ќе го создадете е неминовен..
Заради тоа што не сакавте да не испочитувате и не ви беше битно тоа што општина Охрид беше против затворање на влезот во Охрид во овај период, негативно мислење од Општина Охрид, негативно мислење од СВР Охрид и си издадовте сами на себе дозвола за пренасочување на сообраќај, сега јавно го повикувам министерот за транспорт, министерот за внатрешни работи и премиерот, да ја сменат одлуката и да овозможат нормален проток на возила во тек на туристичката сезона, а по завршување на сезоната да одпочнат со градежните активности… Без разлика шо не почитувате локална самоуправа, во неколку наврати го докажавте тоа и исто во неколку наврати низ годиниве влечите одлуки директно на штета на Охрид, овде сепак треба да покажите чувство и ова лудило веднаш и одма да прекине да важи, напиша градоначалникот Пецаков на својот фејсбук профил.
Реакција пристигна и од министерството за транспорт и врски, од таму велат нејасни се реакциите на градоначалникот на Охрид.
-Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект.
Оваа несфатлива реакција доаѓа од градоначалник од политичката партија која остави хаос на истиот автопат, а сега истите тие грчевито се борат тој автопат да не се изгради.Пецаков треба да има во предвид дека се отстранија сите проблеми на оваа делница кои ги затекнавме од времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше владата. Благодарение на напорите и пристапот на оваа Влада се решија најголемите проблеми и се решија преку 3500 имотно правни пречки помеѓу државата и граѓаните.
Се испроектираа и клучките, се репроектираа косините со што денеска има прогрес на терен, стои во реакцијата на министерството за транспорт и врски.
