2017 година на промени – оценуваат охридските директори

2017  се смета за година на промени. Промената на централната,  а потоа и на локалната власт донесе промени на функционери, директори, шефови, челници, раководители…..

Прочитајте како дел од новите  фукционери ја оценуваат 2017 година :

Сузана Вренцоска в.д. директор на фестивалот „Охридско лето“ 

Многу убави моменти, многу предизвици, многу остварени желби како на приватен така и на професионален план, ќе ми останат во сеќавање во годинава што изминува. Година помината во присуство на сите мои драги луѓе кои ме опкружуваат постојано и го прават животот на секаков начин посреќен и поисполнет . 

Слободно можам да кажам дека ова ми беше најуспешна  година на работен план досега. Промената на работното место, со многу повеќе обврски и одговорности како в.д директор на Охридско лето, за мене беше огромна чест и привилегија но исто така и огромна обврска успешно да се продолжи приказната на највредното културно доживување кое го има Македонија, Фестивалот Охридско лето.  Ова е година во која го доживеав најголемото задоволство на професионален план. Заедно со тимот, кој неуморно и со голема љубов се вложува во подготовките и реализацијата на Фестивалот, тим кој умее и знае како треба да се работи професионално и посветено, запишавме  уште една успешна година во фестивалската историја на Охридско лето.  Оценката е дека  годинашното 57-то „Охридско лето“ измина во знакот на беспрекорна реализација, полни гледалишта, позитивни критики и задоволни уметници. Токму тоа не прави горди на крајот на оваа година но и не обврзува да продолжиме  да го градиме брендот на Охридско лето, како на домашната така и на светската уметничка сцена. Морам да изразам огромна благодарност на луѓето кои ми ја дадоа довербата да ја водам најзначајната културна манифестација кај нас. 

Огромна благодарност и до вас медиумите кои секогаш сте верни поддржувачи на Фестивалот. Верувам дека заедно со вас Охридско лето ќе доживее уште многу успешни фестивалски денови.

Сепак, колку и да сакаме да ја запишеме годината со позитивни настани, 2017 година за мене ќе се памети и по еден немил настан, големата загуба, смртта на светската оперска легенда Дмитри Хворостовски, кој ќе остане запишан во фестивалската историја како еден од најголемите ѕвезди кои настапиле на оваа сцена. Големите личности  секогаш имале посебно место  на сцената на Охридско лето.  Вечно ќе му бидеме благодарни на овој музички гениј, кој на отворањето на Охридското лето во 2013 година, одржа спектакуларен концерт во Античкиот театар. 

Што се однесува до работите кои навистина ги сакам, а за среќа се составен дел од мојот живот, и оваа година имав прилика за отпатувам надвор од државата. Годината ми започна во Канада, едно навистина незаборавно патување но среќна сум што успеав да го видам и Милано градот на културата, архитектирата, модата… тоа е нешто што те оплеменува те прави да ги цениш вистинските вредности. Едно прекрасно доживување. 

Во рамките на моите професионални обврски остварив и посета на Винковци, Р Хрватска на покана на градскиот театар „Јоза Ивакич“ кој по повод 100 годишнината од своето постоење премиерно ја изведе претставата „Врзино Коло“ од Јоза Ивакич. Имав чест да остварам средба и со македонскиот амбасадор во Хрватска, Мачеј Качоровски, како и со градоначалникот на Винковци, Иван Босанќич, каде беше разговарано за успешна  соработка во иднина. 

Посебно сум горда што македонскиот амбасадор Качоровски и градоначалникот Босанќич најавија дека за скоро време ќе го посетат Охрид но и дека ќе бидат дел од Свеченото отворање на Охридско лето 2018.

Годинава што изминува ми се случија и многу убави работи на приватен план, многу моменти кои ме развеселија, ме исполнија, ме направија среќна, многу насмевки кои ми го разубавуваа секој нов ден. Среќна на секој успех на мојата ќерка Стефани која ми го исполнува животот и неизмерно ме радува.

Посакувам успешна Нова 2018 година исполнета со многу здравје , среќа и љубов, со многу повеќе насмевки кои ќе не направат подобри, потолерантни едни спрема други и повесели. Нека ни е среќна Новата година!

Крстина Крлеска Деспотоска в.д. директор „Градски пазар“ Охрид

Годинава што изминува остави позитивен белег во мојот личен и професионален живот.Секако имаше и лоши моменти, но токму тие некогаш не прават посилни и поистрајни кон остварување на поставените цели.

Професионално ја развива мојата индивидуална способност ,надградувајќи се да бидам своја  и ги искористам своите способности во склоб со својот карактер ,некогаш можеби бев попречена во постигнување на своите цели ,но никогаш негубев надеж.

 Од општествено политичкиот живот, оваа година ќе остане запаметена како година во која демократијата заживеа, се врати слободата на говорот. Осмелувањето и сплотувањето на народот за време на локалните избори е еден од најпозитивните настани во годината која изминува. Неможам, а да не го споменам и 27ми април “крвавиот четврток“ кој остави црна дамка не само на годинава која изминува, туку и на нашата понова историја.

Во светот секако и годинава се случуваа многу прекрасни нешта. Но повторно, за жал, останува впечатокот дека светот беше и поприлично турбулентно и тажно место оваа година. Тешко ќе ги заборавиме сликите на безнадежни лица бегалци, страдањата од терористичките настани, природните катастрофи.

Во оваа година во Охрид се случија многу културни манифестации. Она што посебно ме радува е дека во Охрид почнаа да се нудат театарски престави  во период кога е завршена туристичката сезона. Оваа нова политика на збогатување на културните настани посебно ме радува, бидејќи Охридската публика е желна за такви настани во зимскиот период. 

За доброто на Охрид, во 2018 година очекувам конечно да се покренат и реализираат сериозни и одржливи проекти за трајно да се заштити нашето природно, историско и културно наследство. Да се реализираат барем поголем дел од ветените капитални проекти што се од есенцијална важност за подобрување на квалитетот на живеење во Охрид.

Очекувам и посакувам многу повеќе благодарност за она што го имаме и повеќе грижа за она што ќе им биде неопходно на нашите деца. Од се срце посакувам да сфатиме дека целиот човечки род е едно семсејство, да спласне себичноста и лакомоста и да блеснат унивзарлната љубов и меѓусебната почит. Мојот народ и моите сограѓани да не се делат по политичка, верска и национална основа.

Воедно на сите граѓани и читателите на охриднет им ја честитам Новата година и претстојните празници со желба да им биде посреќна и побериќетна.

Гордана Јованоска вд. директор на ЈП „Билјанини Извори“ – Охрид

Зад сите нас ќе остане уште една исклучително бурна година. Година во која мнозинството граѓани се надеваа и посакуваа и одлучија  да падне еден режим кој цврсто беше ја зафатил Македонија. Се случи и тоа. Оваа 2017 беше година во која Македонија сврте нов лист, лист преполн со надеж за подобро  утре и живот за сите. 

Во јули ваквата еуфорија ја расипаа  серијата земјотреси во Охридско – преспанскиот регион а кои  првпат во животот ми донесоа страв и несигурност. Признавам  земјотресите негативно делуваа врз мене.

Летото по шести пат бев дел од организацискиот тим на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“ во Трпејца. И без среќна и задоволна заедно со останатите што нашата идеја од година во година е се’ поприфатена и станува своевиден бренд во делот на културниот туризам во нашата општина. 

Како уште еден позитивен настан во оваа 2017 г.  можам да ја посочам  победата на СДСМ на локалните избори и моето  назначувањето за ВД. директор на ЈП „Билјанини Извори“.

Во следната 2018 година  желба ми е Македонија да стане членка на НАТО да ги започнеме пристапните преговори за членство во ЕУ  и земјава економски да зајакне и стандардот на граѓаните да се подобри. 

Сакам да се вратат насмевките  на лицата, да се врати позитивниот дух кај луѓето и вербата во државата. 

Да исчезнат злобата, зависта и сиромаштијата. Сите во Македонија  да си го вратиме  достоинството. 

Како и секој човек си посакувам среќа и да продолжи семејната хармонија со моите најблиски и најмили. 

Што се однесува до моите професионални планови тие се насочени кон развој  и модернизирање на ЈП „Билјанини Извори“  спортските терени  да блеснат во полн  сјај, како што одамна тоа го имаат заслужено и СРЦ „Билјанини Извори“ и Охрид. Паркинзите се посебна проблематика и се надевам дека ќе ги модернизираме  бидејќи тие се едно од лицата на Охрид како македонски туристички бисер.   

Сашо Точков в.д. директор на Центарот за јавно здравје -Охрид

2017 година ќе ја паметам како година на потреси, стабилизација и надеж. Со надеж, мотивираност и посветеност, на личен и професионален план, да се биде уште подобар, да се направи уште подобро и да се стигне уште подалеку, во градење на поубава и посигурна  иднина за сите, влегувам во Новата 2018 година.

Охриднет  Ви благодари што прифативте да бидете дел од традиционалното Новогодишшно издание на весникот и  Ви посакува уште многу успешна работа! 

 

 

 

 

 

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани