2017 низ призмата на охридските новинари, уредници, портпароли…

2017 година, стресна неизвесна година… година на локални избори…. година со безброј земјотреси во Охрид… Година на успеси и падови…. година на светски настани….

Кои се настаните кои ја одбележаа годината?  Одговараат новинари, портпароли, уредници…

Сашо Митаноски, менаџер
сопственик на Супер радио, ОхридПрес и Инпрес


Сигурно секоја година редовно го повторуваме ова, но овој пат навистина оставаме зад нас една турбулентна година со многу настани кои по своето значење секако ќе ја одбележат иднината на нашата земја. Ја одбележаа „Бомбите“ и се` она што следуваше по нив, а резултираше со менување на власта. Имавме протести по улиците, шарени револуции… И Охрид не беше имун на овие настани кои доведоа и до менување на локалната власт. Оставаме едно бурно лето зад нас, кое, според мое мислење, доколку не ни се случија земјотресите, ќе беше лето за паметење. Сепак и тоа помина добро, дојдоа многу познати имиња во градот од делот на музиката, културата… На лично поле годината која е зад нас беше една од најуспешните. Започнавме многу успешни проекти како Талент шоуто OhridSUPERSTAR, го снимаме големиот проект „ДОСИЕ ОХРИД“, „Охрид во 10“, „За добро“, го прославивме 25-тиот роденден „Во ритам со Охрид“, ја добивме повелбата на „Св. Климент“, а за крај на една ваква СУПЕР успешна година на Охрид му подаривме еден, според мене одличен проект „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ со кој ќе ја крунисаме оваа година и кој се надевам дека следната година ќе се реализира во целост и ќе прерасне во традиција, на задоволство на сите.

Од мое лично име сакам на сите ваши читатели да им посакам мирна, среќна и успешна Нова 2018 година.

Стефан Димоски – портпарол на СВР Охрид

Секоја година што изминува, за мене е нова животна лекција.Оваа 2017 за мене беше „најлетечка“ досега, едноставно како да прелета за една минута. Годината 2017, ја минав, како што ги минав и најповеќето досега, во една силна динамика, во трка со времето и со настаните. Работев секојдневно и посветено со цел да се задржи високиот степен на професионална транспарентност на Секторот за внатрешни работи Охрид и во „секунда“ да ги подготвам информациите што се важни за граѓаните а кои се однесуваат на работата на полицијата.Секој ден беше исполнет со нови предизвици и нови обврски но и со многу контакти со претпоставените,со колеги, со претставници на други институции и служби,со новинарите и секако со граѓаните.Годината помина и со „украдени“ мигови за кафе муабет и дружба со пријателите и разбирливо, време посветено на семејството.Користев можности и да пешачам, да возам велосипед и да играм пинг-понг. И ако треба да повлечам линија и да направам кратко резиме на направеното на личен, семеен и професионален план, 2017, сепак беше една прекрасна година исполнета со многу настани,многу вложена енергија,малку време за одмор но сепак во едно огромно задоволство од она што ми го дава животот,задоволство од сите мали добри нешта и ситници што се случиле,радост од секој добар настан и успех кај моето семејство, моите колеги и пријатели. Среќен сум што оваа година учествував на маратонот „Охрид трчат“ и на „одлично“ време од 42 мин и 47 секунди во кои ги истрчав петте километри,се радував на победата на Вардар над Барцелона во битката за Европскиот ракометен трон,уште повеќе на успесите на охридските ракометари и кошаркари. посебно сум среќен на успесите на нашите ученици и освоени награди на домашни и меѓународни ученички натпревари по математика,информатика и по други предмети,во спортот. Посветено работев заедно со останатите членови од општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата на реализација на едукативни кампањи за безбеден сообраќај наменет за најмладите и за сите останати граѓани, за подигнување на свеста и совеста и на сообраќајната култура за поголема внимателност во сообраќајот. Како Совет и јас како претседател на Советот, го дадовме својот максимум во соработката со организаторот за успешно одржување на годинешниот Off road во Охрид, бев загрижен кога Охрид го „тресеа“ близу 2000 земјотреси и активно партиципирав во општинскиот кризен штаб.Уживав во програмата на „Охридско лето“ и во претставите на охридскиот театар. Оваа година патував со авион до Берлин а потоа со воз низ Германија. Ги посетив Келн, Дизелдорф, Мјулхаим, Есен, Оберхаузен, Потсдам, поминав прекрасно и незаборавно. Во делот на професионалното усовршување, 2017 година ќе ми остане во сеќавање и по извонредната можност да учествувам на меѓународната работилница што на тема „Соработка во меѓународно спроведување на законот“ се одржа во Шангај и Пекинг а беше во организација на Владата на Народна Република Кина и полицискиот колеџ во Шангај.Тука, научив многу, стекнав нови знаења, нови погледи, нови можности и нови пријателства. Од најдобрите учев и во сегментот- односи со јавноста, го надградував мојот професионализам, учествувајќи на работилницата организирана во Скопје од најдобрите PR стратези на Американското Федерално Биро за истражување FBI. Му благодарам на Господ за сите убави мигови годинава и затоа велам задоволен сум од она што ми го дава животот, задоволен сум од сите мали добри нешта и ситници, се радувам на секој добар настан и успех кај моето семејство, колегите и моите пријатели.Се надевам на нови убави следни 365 дена, верувам дека ќе бидат добри, полни со позитивна енергија, со нови предизвици и можности, со нови достигнувања на личен и семеен и деловен план.

Пред календарот да ја означи Новата 2018 година, пред социјалните мрежи да се преплават со пораки, пред мобилните оператори да се „загушат“ од повици, драги охриѓани, драги граѓани, искрено Ви посакувам среќна,прекрасна,безбедна, просперитетна и бериќетна Нова 2018 година.Ви посакувам здравје, затоа што здрав човек е среќен човек,Ви посакувам љубов, меѓусебно разбирање, лични и семејни успеси,мир и среќа.Се најдобро.

 Маја Савич – уретник на регионалната ТВМ телевизија

Пред една година, ова време, се збогувавме со една кризна, шарено револуционерна, изборна, напната и стресна година. 2017-тата ја начнавме со многу оптимизам, а таа пак, ни покажа дека премногу рано сме се опуштиле и дека тешката и мачна 2016та си има свое продолжение. Ќе има – ќе нема локални избори, има-нема локалната власт надлежности, важат-не важат одлуките на градскиот совет, а граѓаните со своите секојдневни проблеми на бришан простор. И сиот акумулиран стрес и неизвесност одеднаш отиде левел погоре со земјотресите. Мислам дека нема охриѓанец кој нема да ја памети 2017та по земјотресите. Илјада поместувања на фамозниот расед убаво не раздрмаа, физички и психички, и од тоа сите излеговме со посредени приоритети и појасни погледи на животот. Од фолдерот „бурни настани“ имавме локални избори кои не поминаа толку бурно. Добивме нова локална власт која вети (а ние ќе ја потсетуваме) дека ќе бидат чесни, посветени, одговорни и транспарентни пред граѓаните. Од фолдерот настани кои и прават мерак на душата издвојуваме уште едно прекрасно издание на Фестивалот Охридско лето и премиерите на Охридски народен театар. „Охрид трчаТ“ во организација на Асоцијација за спортови „Спорт за сите-сите за спорт “ ги освои симпатиите на охриѓани и на туристите. Посебно рекреативната трка за подигнување на свеста за Децата и лицата со ретки болести и со посебни потреби.

Ни останува да се сликаме предновогодишно со колегите, да ја исецкаме руската и да го разбудиме детето во нас под чадорите на чоколадната улица…. и ете ја 2018та.

Во неа сите да бидеме среќни, исполнети, хумани, солидарни, енергични …и будни!!!

Нина Аритоновска Сител ТВ

2017 слободно можам да кажам дека беше турбулентна година.Серијата земјотреси кои предзивикаа вознемиреност кај граѓаните ,политичката криза која за жал сеуште трае во државата ,протести ,контрапротести ,убиства ,сообаќајни незгоди се само дел од негативните настани кои преовладуваа годинава но сепак позитивните како хуманата мисија на градот за поткренување на свеста за децата со ретки болести потоа бројните манифестации и концерти кои допринесоа Охрид да се најде на светската туристичка мапа влеваат позитивна енергија . Ме исполнува работата во Сител телевизија а ме радува и тоа што сум дел од тимот на новиот информативен веб портал околунас. Но секако мојата најголема радост и мотив да се борам и да продолжам понатаму се моите два сина Леонид и Лука кои со нивните намевки и прегратки ме бодрат да успевам во своите намери во животот. На крајот би завршила со мислата дека некогаш не ја разбираш големината на сопствената сила се додека не се соочиш со својата најголема слабост. На сите мои сограѓани им посакувам година исполнета со многу здравје и љубов.

Даниела Спасиќ – Супер радио

Обично кога правам ретроспектива, се трудам да се присетам само на убавите работи. Кога ќе се навратам на она што ми се случуваше на личен и професионален план, можам да кажам дека 2017-та година ќе ја паметам по убави работи. Оваа година станав дел од тимот на Супер радио, имав многу убави моменти поминати со моите најблиски, со пријателите. Годинава ќе ја паметам и по бројните патувања. Траен печат во мојата меморија ќе остави присуството на фудбалскиот Супер куп во Скопје, а секако и професионалните посети на Дубровник, Подгорица…
Што се однесува до случувањата во нашиот град, како настан кој вреди да се спомене е големото талент шоу Ohrid SUPERSTAR, на кое уште еднаш се потврди дека градов има музички таленти.
Реков да се присетуваме само на позитивните работи, но дефинитивно 2017-та најверојатно ќе ни остане во меморијата по серијата земјотреси кои ги имавме во Охрид. Но, ваквите моменти ги оставаме зад нас, во годината што изминува.
Би сакала на крајот на сите читатели на Охриднет, на сите граѓани да им ја честитам Новата 2018-та година, со желби за добро здравје и многу незаборавни моменти на среќа, радост и успех заедно со вашите најблиски. Среќни празници!

Соња Рилковска дописник на Канал 5, главен и одговорен уредник на Охриднет

На крајот од годината традиционално  анализираме, се присетуваме на сите поголеми настани кои ја одбележаа 2017.  Ја сум човек кој сака да го помни и чува убавото, а лошото што поскоро да го заборави. На политичката сцена 2017 беше  турболентна година –  политичката криза, немилите настани во Собранието, притворите, локалните избори, масовните протести, промена на локалната власт….Освен турболентниот политички живот, морам да  го споменам  спортот. Настан на годината дефинитивно беше Суперкупот во Скопје. 

Во Охрид 2017 мислам дека најмногу ќе ја паметам по илјадниците земјотреси, кои во јуни го „дрмаа“ градот. Стресно, страшно и беспомошно чувство. Потоа промената на локалната власт која веќе донесе  некои  промени и од која охриѓани имаат многу очекувања. Најголем белег оставаат убавите настани  од сцената на најдоброто во  Охрид ,многуте светски збиднувања на нашето „Охридско лето“ и фестивалот „Охрид колинг“. 

На приватен план убави семејни мигови,прослави, дружби,  патувања и одмори. Мојот син Даниел годинава славеше полуматура и стана „гимназијалец“. Тоа дефинитивно беше најголемиот настан на 2017 за мене ! Семејните патувања ме чинат  среќна, ми отвораат нови видици и хоризонти. 

На службен план „бурно“ секојдневие. Работата во Канал 5 повеќе од задоволство, но и успесите на Охриднет.ком , кој веќе пет години е на врвот по читаност во регионот ме прават навистина горда. Благодарна на тимот кој 24/7 се труди да биде брз, точен и прецизен во пренесувањето на информациите. 

Годинава се радував на мирисот на секое утро, на зраците на  месечината секоја вечер и  на ѕвездите секоја зора. Се радувам на секоја насмевка на мојот син и на сите ситници што го чинат мозаикот – живот. Му благодарам на Бога за се` што ми  подари во 2017. 

За 2018 од „Дедо Мраз“ ќе посакам здравје за моето семејство, саканите и пријателите.  Успеси во работата на сите, благосостојба, хармонија и мир во секој дом. Нека исчезнат  омразата, зависта и злобата!! Бидете благословени и безгрижни драги мои. Животот е краток живејте го секој миг. Сакајте се ! Се читаме! 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани