2017 на политички план за едни година на најголеми успеси, додека за други година на неуспех и губење на власт.
Различни мислења, различна визија, различен приод и различна стратегија. Такви се нашите политичари токму затоа се и од различна партија.
Еве што велат политичарите за 2017 година:
Томислав Тунтев пратеник од СДСМ и претседател на ОО на СДСМ Охрид

2017 година ќе ја паметам по лошо, по немилите настани непосредно пред и на 27 април, односно по крвавиот четврток во Собранието на Република Македонија, кога беа преминати сите граници на едно нормално човечко, професионално и колегијално однесување, кога се сееше раздор, поделба и омраза меѓу народот и кога главниот збор го имаа насилството, заканите, уцените и беззаконието. 2017 година ќе ја паметам и по добро, по плебисцитарното изјаснување на граѓаните во Република Македонија на локалните избори, кога огромното мнозинство се определи за едно општество за сите, за живот во сите општини, за владеење на правото и правната држава, како и за забрзан локален економски развој, повисок животен стандард на граѓаните и подобри услови за живот и работа на младите.
Во новата 2018 година посакувам конечно да се стави крај на кризите и поделбите, да почнеме да живееме во нормална држава, каде што ќе владее правото и правната држава, каде што законите ќе важат за сите подеднакво, каде што иселувањето на нашите млади и стручни кадри ќе запре и каде што сите заедно, сплотени и единствени, ќе се занимаваме со суштински прашања и ќе ги практикуваме и споделуваме во нашите животи нормалните универзални цивилизациски демократски вредности… како дел од НАТО, и со започнати преговори за членство во ЕУ.
Им ги честитам претстојните празници на сите Ваши ценети читатели и им посакувам добро здравје, многу среќа и успешна Нова Година!
Кирил Пецаков советник и претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид

Најпрвин да ви честитам за успешната 2017 год.која што ја имавте како портал и секако и да ви посакам уште поуспешна 2018 год.
2017 сама по себе за мене беше успешна и на приватен и на политички план. Започнав со стручно надоградување односно сум на специјализација на стоматолошкиот факултет во Скопје на одделот за детска и превентивна стоматологија и тоа е она што ме исполнува, а на политички план од август сум претседател на ОК НА ВМРО ДПМНЕ – ОХРИД, за краток период имавме локални избори за жал не успеавме да ја задржиме локалната власт иако имавме одличен кандидат, но одиме напред секако, на валандовскиот конгрес добивме и нов претседател и лидер на ВМРО во ликот на проф. Христијан Мицковски па полека но сигутно ќе го градиме патот кон повторно доаѓање на власт.
Во 2018 му посакувам на сите Охриѓани просеперитет, успех и здравје пред се, а на Охрид како град да продолжи да го трасира патот кон модерен туристички центар и младите да ја гледаат својата иднина во него, а вас како портал уште еднаш многу статии, текстови, слики и приказни, со еден збор многу успех
Ви благодарам!
Филип Јованоски советник во Советот на општина Охрид (Вмро НП)

Зад мене е една од најуспешните години во мојот животен пат до сега. Скоро на сите полиња и приватно, но и онаму каде општествено активно сум вклучен. Ја имав најуспешната година со ракометниот клуб „Лихнид“ каде сум дел од главниот стручен тим со кој покажавме дека и со најмалку финансиски средства успехот може да дојде само со макотрпна работа.
Што се однесува на политички план, за прв пат бев кандидат за некаква општествено одговорна функција и успеав да влезам во Советот на Општина Охрид. Но за мене, многу поголем успех е заминувањето на претходната локална власт која сметам дека Охрид го однесе многу чекори назад, за што и следуваше казната од граѓаните со катастрофален пораз.
Но, мојот најголем успех во животот воопшто до сега и она по што секогаш ќе ја паметам 2017 година е тоа што на свет дојде мојата ќерка Јована. Чувството за кое многу ми говореа, го доживеав баш во оваа година и тоа никогаш нема да го заборавам. Смејните вреднoсти треба да бидат столб на секој поединец.
Моите очекувања за наредната година, како и за секоја, се поголеми. Планирам уште повеќе да се посветам во сите општествени активности каде што учествувам и со разумни и констуктивни предлози и одлуки, да придонесам за она што секој искрен охриѓанец треба да се заложи, а тоа е во градот да се вратат сите жители кои заминаа од него и конечно Охрид да заживее како што заслужува. Сонувам за дружењата со моите другари кои одамна го напуштија градот и државата, со цел да најдат подобро утре и поздрава општествена средина. Охрид мора да го врати стариот сјај.
