По повод 4 Март – Светскиот ден на дебелината, научното здружение за обезност ОБЕМ ја означи стартната линија на едукативната кампања „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“, насочена кон подигање на свеста за ризиците од прекумерната тежина и дебелината.
Од здружението посочуваат дека состојбата во земјава е сериозна – Северна Македонија спаѓа во групата држави со висока стапка на предвремена смртност од незаразни болести, каде дебелината е еден од главните ризик-фактори. Медицината досега има дефинирано над 220 здравствени компликации поврзани со прекумерната тежина.
Во рамки на кампањата е активирана и интернет-страницата tezina.mk, каде граѓаните ќе можат да се информираат за причините, ризиците и начините на третман.
Поддршка од институциите
Кампањата е поддржана од Министерство за здравство на Северна Македонија, Фонд за здравствено осигурување на Северна Македонија и канцеларијата на Светска здравствена организација во земјава.
На настанот присуствуваа в.д. директорот на Фондот, д-р Сашо Клековски, како и шефот на Канцеларијата на СЗО, д-р Аким Али.
Претседателот на ОБЕМ, Ирфан Ахмети, истакна дека дебелината е директно поврзана со срцев удар, мозочен удар, дијабетес тип 2, повеќе видови карцином и неплодност. Тој апелираше здравствените работници да ја користат дијагнозата E66 кога се исполнети критериумите, со цел да се создаде реална и мерлива слика за проблемот. Во јавното здравство функционираат девет Центри за обезност кои нудат мултидисциплинарен пристап.
Загрижувачки прогнози
Според податоците од Светскиот атлас на дебелина, 30% од возрасните во Македонија живеат со дебелина, додека 65% имаат зголемен индекс на телесна маса. Проекциите се дека до 2030 година над 920 илјади лица ќе бидат засегнати од прекумерна тежина.
Кај децата и младите, индексот на ризик изнесува 7 од 11, а проценките покажуваат дека до 2030 година стапката на дебелина кај децата од 5 до 19 години може да достигне 52,5%.
Освен здравствените последици, дебелината носи и сериозен економски товар – се проценува дека до 2060 година трошоците поврзани со оваа состојба би можеле да достигнат 1,9 милијарди долари.
Повик за стручна помош
Од ОБЕМ апелираат граѓаните кои се соочуваат со дебелина најпрво да се обратат кај матичен лекар, а по потреба да се вклучат и нутриционисти и психолози. Кампањата има цел да испрати јасна порака – третманот не се базира на брзи решенија, туку на одржливи промени во животниот стил и фармакотерапија кога е тоа медицински индицирано.
