Општата болница во Охрид доби нов современ ендоскопски апарат за гастро и колоноскопија. Со оваа опрема се очекува значително да се подобри дијагностиката и раното откривање на болести на дигестивниот систем, особено на ракот на дебелото црево.
Со новата опрема ќе се подобри квалитетот и прецизноста при дијагностичките и терапевтските интервенции. Апаратот е набавен преку јавна набавка со средства обезбедени од Фондот за здравствено осигурување.
„Гастроскопиите најчесто се прават кога пациентите имаат симптоми, но дебелото црево е тивко и симптомите често се појавуваат доцна. Затоа ги охрабруваме сите граѓани над 50 години, и без симптоми, да направат колоноскопија за навремено да се откријат евентуални промени“, вели Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
Новиот апарат ќе овозможи и значително зголемување на бројот на интервенции, бидејќи досегашната опрема била застарена и често во дефект.
„Последниот апарат беше стар околу 20 години и често беше во дефект, поради што бројот на интервенции беше значително мал и незадоволителен за нашиот град. Нашите граѓани често беа принудени да користат приватни установи за ваков тип интервенции, што значеше дополнителни финансиски трошоци или патување во други градови. Затоа оваа набавка има големо значење за нашата болница и за граѓаните“, изјави Д-р Горан Маркоски, в.д. директор на Општата болница Охрид.
„И претходно внимателно ги одржувавме постојните апарати за гастро и колоноскопија. Може да се добие информација и од официјалниот сервис дека на ниво на држава нашиот апарат најмалку бил испраќан на сервис и функционираше беспрекорно“, посочи Д-р Владимир Шибакоски.
Од болницата очекуваат новата опрема значително да го подобри квалитетот на здравствените услуги и да овозможи поголем број пациенти навремено да добијат дијагностика и третман.
Со новата медицинска опрема, Охридската болница прави важен чекор напред во раното откривање и лекување на заболувањата на дигестивниот систем.



