Сите ние имаме свои желби и мечти. Остварливи, скриени, тајни, неостварливи,,…. Како измина 2017 година? Што ќе посакаат од Дедо Мраз? Охриднет запраша повеќе угледни семејства и почитувани граѓани на Охрид…. Погледнете што посакуваат….
Семејство Филеви ( Михајло и Мирјана со ќерките Мина и Ирма)

Почитувани на истекот од секоја година така и оваа 2017 ќе ја попратиме и ќе се сеќаваме на многу случки и настани кои ја одбележа. За мене лично оваа година како оптимист ке ги запаметам убавите моменти,нема да ги заборавам и лошите збиднувања и случки и ќе се молам никогаш да не се повторат како во светот така и во Македонија. Да се потрудиме се што се случило лошо по наша вина да не го повториме, а за другото што го приредува природата пред која сме немоќни како што беа серијата земјотреси во Охрид и слично да се помолиме да биде без последици.Покрај тоа мора на жалост да ја спомнам повеќе годишната политичката криза која кулминира во 2018.Која генерално не порази сите Македонци без оглед на политичката определба ,верската и етничката припадност. Не смеевме да се бламираме на меѓународна сцена како еден народ кој со својата култура допринесувал и ке допринесува за светската култура.Но како за се така и за ова историјата и аргументите ке докажат,но за сите нас поготово за луѓето кои ја водата државата треба да биде едно наравоучение каков импулс ќе даваат на народот и што ќе направат за Македонија.Од спортските настани за мене најсветол беше освојувањето на Р. Вардар европска титула преку која достојно ја промовира Македонија и финалето на Супер купот на Европа во фудбал на Арената Филип 2 во Скопје со тоа докажавме дека имаме модерен стадион и способност да организираме светски настани срдечен народ и добра услуга на сите поллиња.Миихајло Филев како четврта генерација продолжувач на реткиот занает и 100 годишната традиција на брендот Охридски Бисер како и секоја година и оваа година успеав да направам многу промотивни дела за културата на Р.М. Но со гордост морам да го истакнам најголемото, а тоа беше документарниот долгометражен филм за Охридскиот Бисер кој беше промовиран на 2. август 2017 во слоп на Охридското лето како посебна содржина.Со ова дело ја овековечивме преку сите аргументи 350 годишната семејна истрорија на семејствата Филеви и Талеви и 100 години од изработката на охридските бисери историски случувања која ја карактеризираат Македонската историја, култура и промоција на истата во светот. По ова дело гордо можам да речам дека се исплати трудот на сите генерации за да создадеме најуникатен сертифициран заштитен бренд преку бисерниот накит Охридски бисер по кој е препознатлив за Македонија и нејзините културни вредности ширум светот.Почитувани Охриѓани и граѓани на РМ. од сите верски и етнички припадности, атеист итн. Ви ја честитам новата 2018 со искрени желби за здравје,успех на сите полиња, човекољубие,толеранција почит и разбирање. Бидејќи според мене сите сме создадени од исти татко Бог на светов, сите сме браќа и сестри ,но се делиме на вери добри и лоши. Моја новогодишна желба е да ја прифатиме сите добрата вера!
Семејство Колески (Д-р Владо и Др Катерина со синовите Кален и Кирил)

Испративме уште една успешна година. 2017 донесе многу среќни семејни мигови, топлина и насмевки во нашиот дом со двајца мали „палавковци“. Така и ќе ја паметиме. Се што беше лошо, предизвик и проблем ќе заборавиме. Од Дедо Мраз ќе посакаме многу здравје за нашето семејство, за најблиските и саканите. Ќе посакаме радост за тажните, здравје за болните, храна за гладните, надеж за безнадежните….Ќе посакаме мир, толеранција, успех, љубов и хармонија во нашиот дом, но и насекаде во земјава и светот. Нека владее почит и разбирање меѓу луѓето! Ви посакуваме среќни празници!
Семејство Рилкоски (Александар и Сања со Никола и Нина)

Посакуваме Дедо Мраз да биде многу дарежвил во Новата 2018 година, и ако ЗДРАВЈЕТО е најважно, СРЕЌАТА неопходна и ЉУБОВТА најпотребна, нека го подари тоа во секој дом. Ви посакуваме среќни празници!!!
Семејство Наумоски ( Антонио и Ема со синовите Наум, Калин и Антонио)

Годинава што изминува ни беше исполнета со многу убави моменти, го добивме петтиот член на нашето семејство, најубавиот подарок што некој може да го посака. Посакуваме секој да може да ја почувствува убавината на домот исполнет со радост, смеа и топлина како што ја имаме ние, не само во новата 2018-та туку и секоја година .
Здравје , среќа и многу насмеани лица да има во сите домови, што друго може да посака човек .
Семејство Шибакоски (Денис со синот Томче и ќерката Христина)

Еден миг среќа вреди колку една година слава. Сите да имаме многу мигови на среќа. Во новата 2018 секому нека му се остварат соништата од детството и младоста. Сите нека подарат љубов, нека имаат добро здравје и слабо паметење за неубавите моменти. Во 2018 за мене и за моите сакани од Дедо Мраз – се знајт – среќа, здравје, љубов и по 365 чоколадни бомбони „Линдор“.
Семејство Јанески ( Професор Славка Јанеска и нејзината ќерка Сашка)

Посакувам здравје ,љубов и почит меѓу луѓето или , посакувам вракање на системот на вредности и луѓето да бидат луѓе. Посакувам моето дете , а и сите деца во мојата татковина да живеат во богата и среќна земја,каде доброто е добро ,а лошото да не постои. И посакувам милион долари да ми паднат на лото (smiley) … Јас ,мислам доволно е се` друго е Божја работа.
Семејство Баткоски (Д-р Небојша и Марица со Јован и Јана)

Прво, посакувам многу здравје за мене, моето семејство, моите пријатели и за целиот свет зошто човек кога има здравје има се`. Потоа, посакувам мир и љубов да владеат помеѓу луѓето и да се шират позитивни мисли кои ке им ги стоплат срцата на луѓето кои во последно време заборавија на вистинските вредности. И трето, на професионално поле посакувам успехот, кој заедно со мојот сопруг го градиме со години да продолжи да расте. Ви посакуваме Среќни Новогодишни и Божиќни празници!
Семејство Митровиќ (Никола и Ана со ќерките Христиана и Кирјана)

Почитувани Ohridnet, најпрвин дозволете да Ви се заблагодариме за поканата да бидеме дел од Вашата прекрасната рубрика но исто така да Ви се заблагодариме за Вашата непристрасност и професионалност како и навременост на информациите кои ние ги апсорбираме како читатели.
Дефинитивно предновогодишниот период за мене и моето семејтво преставува период кога ги согледуваме ретроспективно плановите кои сме ги изготвиле и колку од нив биле успешни а колку од нив поради различни причини не се исполнети. Во тој концепт нормално е како семејство или единка да правиме и заеднички и поединечни планови за наредната година, или да го предефинирам сево ова од аспект на Вашето прашање, се трудиме да најдеме заеднички план за тоа што сакаме Дедо Мраз да ни донесе нас како на семејство Митровиќ. Имено сите заедно можеби ќе звучи како клише но едногласно сме согласни дека здравјето е нешто најзначајно без кое било какви планови би биле неуспешни. Се надевам дека тоа ќе не прати подобро од минатата година заради што и јас лично морав да одложам некои од предвидените проекти но се надевам дека ќе ги реализирам дополнително во наредната година кога треба да излезат дури три книжни дела од различен жарн но поврзани со Охрид и охридската историја. Затоа најважно за семејството Митровиќ е здравјето и тоа воедно им го посакуваме на сите. Доколку дополнително ги прашате моите ќерки Христиана и Кирјана сигурно од Дедо Мраз ќе посакаат некои играчки кои се составен дел од нивниот детски свет, но доколку дедо Мраз не успее на време да им ја исполни нивната дополнителна желба тука сме ние јас и мојата сопруга Ана да им овозможиме секоја нивна желба да им стане реалност.
За крај уште еднаш не само нас како на семејство туку на сите им посакуваме добро здравје, а низ тоа и многу успех и просперитет како и благосостојба.
Јана Арсовска туристички водич

А што би посакала од Дедо Мраз? Посакувам многу наскоро професор Басара да ми каже „Јана, успеавме, здрава си“. Посакувам моите најблиски да ги гледам секогаш насмеани, а кога животот повторно ќе изненади со некој удар, заедно да испловиме, секогаш да можеме заедно да се смееме и да плачеме. Посакувам секогаш да бидам исполнета со бескрајно многу љубов, зошто без неа животот би ми бил празен и бесмислен. Посакувам да имам многуууу работа за еден ден да изградам детска клиника, онака како што јас замислувам дека треба да излгледа. Посакувам клавир, бидејќи имам огромна неостварена желба да научам да свирам. Ви посакувам безброј насмевки, празници поминати во љубов и хармонија, и да … посакувам следниот мој роденден во декември да го славам на некоја егзотична плажа хахаха ….Среќни празници драги мои! Опуштете се, читајте добра книга, слушајте добра музика, погледнете се во огледало и преиспитајте се себе си, простете, водете љубов и бидете среќни! Ве љуби Ваша, Јана
Анета Вршкоска Јованоска – аниматор и едукатор на деца

Охо хо хо хо Дедо Мраз ајде дојди и кај нас, донеси подароци вредни: да нема гладни и жедни, да има лекови за сите и полесно да ни минат дните. Стратегии национални да има за да немаме проблеми ни во лето ни во зима. Едикативни работилници бројни за сите деца но и за дедовци и баби стројни. Да научиме активно да слушаме малку ќе не чини, ама само така нема да имаме никаква мака. Да љубиме безусловно е можно сите да работиме сложно. Да станиме најдобрата верзија од себе за Дедо Мраз подароци да ти даде и тебе и тебе и тебе!!!
Охриднет им посакува да им се остварат желбите на сите, а и Вам драги читатели!
