Работите за изградба на нова автопатска делница Кичево-Охрид се прилично отежнати заради лошо планирање и лоша изведба.
Според Министерството за транспорт и врски, кај земјените траси се констатирани свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата, најмногу на потегот Кичево – Пресека, од 12. до 18. километар. Причина за ова, бил изборот на несоодветна траса, како и тоа што не е извршено геолошко бушење на теренот. Не се направени или се направени минимални геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето.Според најавата од ресорниот министер, на кинеската компанија Синохидро најверојатно ќе и предложат два анекса на договорот за автопатот Кичево-Охрид, едниот за продолжување на рокот за градба за уште околу три години, а вториот за дополнителната сума за доизградба за која се уште се преговара.
Поради ниските температури активностите на терен треба да продолжат во март годинава, а досега изградбата на автопатот, во должина од 56 километри, чини над 400 милиони евра.
Инаку, Министерството за транспорт и врски најави изградба и реконструкција на 700 километри патна мрежа вклучувајќи ја изградбата на експресни патишта, обнова на над 40 регионални патни правци и на автопатски делници. Предизвик во ресорот останува изградбата на железницата кон Бугарија и кон Албанија, а фокус се става на изградбата на гасоводната мрежа.
