„Експертот“ за кражби од гостиварско Врапчиште денеска доби уште една кривична пријава. Тој во Струга сторил четири тешки кражби.
Според соопштението од Канцеларијата за односи со јавноста, поради постоење основи на сомнение за сторени четири казнени дела „тешка кражба“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Џ.И. (23) од гостиварското село Врапчишта.
-Пријавениот, казнените дела ги сторил на 26-ти декември минатата година во деловни субјекти во Струга. Тој, со употреба на сила и подесен алат, ги отворал влезните врати и ги кинел поставените катинари по што, влегувал во службените простории, вршел пребарување и одземал пари и други предмети. Со извршувањето на четирите „тешки кражби“ во Струга,тој се стекнал со против-правна имотна корист од околу 17.000,оо денари, информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Пријавениот Џ.И. е лице познат извршител на вакви казнени дела против кого и досега биле поднесувани соодветни кривични пријави. Тој, во периодот од 29 ноември до 04 декември минатата година, откако претходно побегнал од воспитно поправниот дом во Тетово, со употреба на сила , метална шипка и друг подесен алата, извршил шест „тешки кражби“ во службени простории на неколку деловни субјекти во Охрид, стекнувајќи се со против-правна имотна корист од околу 32.000,оо денари.