Претседателот Иванов нема да го потпише указот за Законот за јазици.
Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, во обраќањето до нацијата,синоќа, истакна дека нема да го потпише указот за Законот за јазици, бидејќи смета дека тој е донесен на недемократски начин, спротивно на статутот на Собранието и не е во согласност со Уставот.
– Начинот на кој по втор пат го изгласавте овој закон претставува институционално насилие и удар врз демократијата. Се надевам дека сте свесни за преседанот што го правите и за последиците и штетите по правото и правната држава, што во иднина можат да произлезат од овој преседан. Не само што го злоупотребивте европското знаме на овој закон, туку ги прекршивте и сите правни процедури, постапки и рокови во начинот на неговото носење. Во ниту еден момент не побаравте консултации со науката и надлежните институции кои се најповикани да дадат свое мислење по прашањето на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија. Така не се води држава. Така не се остваруваат нашите стратешки цели. Така не се почитува Уставот, нешто на што се заколнавте при стапувањето на вашата исклучително одговорна општествена функција. – рече Иванов.Според Иванов Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Во услови на блокада на институциите, голема е веројатноста да се отвори прашањето за редефинирање на нашето уставно уредување, смета Иванов.
-Законот за употреба на јазиците е неправеден и репресивен закон, кој фаворизира само еден јазик. Ваков закон ќе ги продлабочи меѓуетничките тензии и претставува закана по меѓуетничкиот соживот. – додаде претседателот.Иванов обраќајќи им се на граѓаните нагласи дека е преминат предвидениот рок од 30 дена за отворање на собраниската дебата, заобиколена е расправата по пратеничките амандмани на опозицијата, игнорирани се советите од Европската Унија, повреден е Уставот на Република Македонија и деловникот за работа на Собранието.
Инаку, Собранието на Македонија вчера во тензична атмосфера во која беше избегната и физичка пресметка меѓу поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, го донесе Законот за употреба на јазиците.
