Почина охридскиот академик Цветан Грозданов

Почина академикот Цветан Грозданов, еден од најреномираните византолози на Балканот.

Почина по долгогодишни здравствени проблеми. Имаше 82 години. Зад себе остави огромен легат на полето на црковната ликовна уметност и нејзината историја. Особено ќе биде запаметено неговото дело посветно на св. Климент Охридски, објави порталот Факултети.мк.

Цветан Грозданов е роден во Охрид, во 1936 година. Дипломирал и докторирал на групата за историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Белград, а специјалирал византологија во Париз.

Во изминатите три денцении академик Цветан Грозданов исполнувал интензивна научно-истражувачка работа како еминентен византолог со европска репутација. Настапувал на бројни научни собири во земјата и во странство и држел предавања за средновековната уметност во повеќе градови во Југославија, во Париз, во Академијата на науките во Прага, на универзитетите во Солун, Истанбул, Рим, Неапол, Софија и др.

Во целокупниот опус на академик Цветан Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од св. Кирил и Методиј и св. Климент Охридски пa сè до XIX век. Неговата работа во голем дел е заснована врз теренските проучувања што ги вршел во повеќе балкански региони, пред сè во Македонија и Света Гора. Хронолошкиот распон на материјата што ја проучува е мошне широк и ги опфаќа спомениците од времето на св. Климент Охридски, Самоиловата држава, Охридската архиепископија до времето на Преродбата. Најголем дел од неговиот опус се однесува на откривањето, идентификувањето и проучувањето на портретите на св. Кирил и Методиј и нивните ученици – св. Климент, св. Наум, св. Горазд, св. Сава, св. Ангелариј (познати како Седмочисленици).

Беше долгогодишен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Беше првиот министер за култура во независна Република Македонија и во еден период претседател на Македонската академија на науките и уметностите. За своите дела носител е на многу титули и награди.

 

 

Утре во 14:00 часот во Св.Софија ќе има богослужба за Акад Цветан Грозданов. Во понеделник, 12:00 часот Општина Охрид ќе направи комеморација во Голема Сала.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани