Според календарот на Македонската православна црква, утре 27 Октомври е Преподобна Параскева – Петковден. Во народот позната како света Петка.
Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Св. Петка се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева.
Голем број лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Голем број македонски семејства Петковден го празнуваат како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености.
Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…
Во народот Петковден се смета за почеток на зимските празници што следуваат и што се проследени со домашни служби, како што се Митровден, Св. Ѓорѓија, Аранѓел, Св. Никола и др.
Преподобна Параскева (Петка)
Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.