Во 21 век, општина Струга има подрачно училиште без санитарни јазли.
Струга се вбројува меѓу општините во земјава во кои подрачни училишта немаат санитарни јазли.Според објавеното истражување на Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) од Скопје,општини со подрачни училишта без санитарни јазли се Струмица со 1, Струга со 1, Сопиште со 2, Росоман, Маврово и Ростуше со по едно. Во Куманово 4 училишта немаат тоалети, едно нема во Кривогаштани, 3 во Кичево, 4 во Зелениково, 2 во Желино, 1 во Гостивар и 1 во Боговиње. Идентификувани се две основни училишта што не поседуваат санитарни јазли во општините Врапчиште и Желино.Највисоко ниво на релативен инфраструктурен развој на основни училишта се забележува кај основното училиште во Општина Дебарца, додека релативно најнизок степен кај основното училиште во Општина Пласница каде што нема ни еден спортски терен, спортска сала, кујна, подрум, интернет, а има премал број на училници и кабинети во однос на бројот на ученици, пишува во извештајот а го пренесува факултети.мк.
Обемната анализа за инфраструктурен развој и техничко-технолошка опременост во основните училишта содржи податоци собрани од 799 основни и подрачни училишта во Македонија. Поголем дел од училиштата, односно 498, се подрачни, а 301 – основни. Анализата покажува дека на ниво на Македонија имаме 578 рурални и 221 урбано училиште. Во 30 основни и подрачни училишта во Македонија нема санитарни јазли. Вкупно 105 основни училишта се без фискултурни сали, па голем број ученици нема каде да ги одржуваат часовите по физичко образование. Анализата покажа и дека голем број училишта немаат училишни кујни и трпезарии, па поради ова не може да се организира продолжен престој за учениците. Во 40 проценти од училиштата нема интернет а училишна библиотека нема во 440 основни и подрачни училишта.
Податоците за оваа анализа се прибирале од 21 ноември до 21 декември од училишта од 80 општини во Македонија. Taa дава препораки за надлежните институции, а има едно поглавје за тоа колкави инвестиции се направени во последните 10 години, како и процена за потребните инвестиции за да се решат недостатоците.
