„Илијада“ за крај на годинешното „Охридско лето“

58 „Охридско лето“ завршува вечерва со претставата „Илијада“

На античкиот театар, вечерва со претставата „Илијада“ од Хомер, ќе биде спуштена фестивалската завеса на годинешното 58 издание на нашата најзначајна музичко-сценска манифестација „Охридско лето“.Хомеровата „Илијада“ е во режија на Јернеј Лоренци, а во копродукција на Словенечки Народен театар-СНГ Драма Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија.Според директорката на фестивалот Сузана Вренцовска, „Охридско лето“ 2018 е едно од најуспешните изданија.
-Патот кој го зацртавме на самиот почеток на фестивалот „Охридско лето“ успешно го изодевме. Реализиравме богата уметничка програма без ниту едно откажување, се покажавме како добри домаќини пред околу 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот, истакна на завршната прес-конференција посветена на 58-то Охридско лето директорката на оваа Национална установа, Сузана Вренцовска.Таа додаде дека благодарение на поддршката и заложбите на Министерството за култура на Република Македонија, општина Охрид, како и помошта од верните спонзори и пријатели на фестивалот, публиката уживаше во неповторливи настапи на врвни уметници од светот на музиката и театарот.
– На наше задоволство, на сите уметници, независно дали се домашни или меѓународни, им понудивме исти услови и обезбедивме соодветен третман, достоен на врвните уметнички имиња учесници на фестивалот „Охридско лето“. Секоја вечер, секој настан се одржуваше пред полни трибини, задоволна публика, во знакот на беспрекорна сценско-техничка организација. Со домаќинско работење и строго наменско трошење на средствата но и редовно сервисирање на обврските, годинешново фестивалско издание го завршивме со позитивно финансиско салдо. Тоа ми дава за право да речам, „Охридско лето“ 2018 е едно од најуспешните изданија, основа од која ќе ги градиме следните кои ќе бидат скалило погоре во однос на квалитетот, изјави Вренцовска.Како што нагласи директорката, според статистиката, годинава се бележи и зголемување на продажбата на билети, а он-лајн билети се купуваа од повеќе земји од светот.
–Настаните се исполнија до последно место, понудивме ниски цени достапни за секого, се’ со цел што повеќе луѓе да посетуваат културни настани. Следејќи ги светските текови реализиравме преноси на настани во живо преку нашата веб-страна, концертот на Музичката младина на Македонија во црквата „Света Софија“, и Свеченото отворање на Антички. Посебно внимание посветивме и на дизајнот на пропагандниот материјал како и на маркетингот и промоцијата на фестивалот. Зад сето ова стои тимот на „Охридско лето“ кој внесе огромна посветеност и професионализам. „Охридско лето“ доби и нова брендирана билетарница за продажба на самиот кеј, рече Вренцовска.
Директорката вели дека за следната година во програмата за инвестиции за 2019 година аплициравме со проект монтажно гледалиште и монтажна сцена. Фестивал како што е „Охридско лето“ заслужува да ги има сите неоходни услови за реализација на програмата. Тоа ќе значи дека настаните ќе може да се поставуваат на бројни места низ градот каде има услови за тоа, најави директорката на НУ „Охридско лето“ Сузана Вренцовска додавајќи дека и натаму ќе ја застапува иницијативата за концертна сала во Охрид со чија изградба фестивалските настапи во иднина нема да зависат од временските прилики.


Музичкиот селектор Васо Ристов, истакна дека со понудената програма и екслузивните уметници, Охрид повторно стана вистинска културна метропола.
-И оваа година нашите заложби беа фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови, и во тоа успеавме. Доминантна беше класичната музика.Традиционално имавме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се имиња на уметници по кои се паметат фестивалските изданија, меѓу кои Николај Лугански великан од пијанистичката фела, потоа челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов – тројцата од Русија, како и Александар Маџар (Белгија/Србија), исто така пијанист на неговата генерација, рече селекторот на музичката програма Васо Ристов.нагласи дека посебно задоволство е што најголемите ѕвезди на фестивалот, почнувајќи од спектакуларното отворање на 12 јули со сопранот Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовеану настапуваат заедно со македонските национални оркестри.Потсети на еден од најдобрите усни хармоникаши Антонио Серано од Шпанија кој многу години свиреше и концертираше заедно со легендата на школата за гитара Пако де Лусија, кој настапи во пијано придружба на Констанца Лехнер како и на концертот на светскиот акапела секстет од Виндзор кастл, Велика Британија. Ексклузивноста на фестивалот се потврдува и преку гостување на уметници кои музицираат или се во вокални состави од ваков тип – акапела пеење, или музицираат на ретки инструменти кои до сега не се слушнати во Македонија, а и во регионот, додаде селекторот Ристов.Тој го издвои настапот на уметниците од словенечкиот состав „Балкан Нуево“ предводени од светски познатиот кларинетист од македонско потекло Горан Бојчевски, потоа настапот на Кинескиот бамбус флејта оркестар, кој припаѓа на кинескиот конзерваториум за музика -флејта и уметничкиот истражувачки центар, на прекрасниот концерт на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Посебен предизвик беше изборот за концертот на 4-ти август по повод роденденот на фестивалот со познатата македонска група Синтезис – македонски уметници, виртуози на своите инструменти. Македонската опера и балет учествуваше со делото на проф. д-р Димитрије Бужаровски – Радомировиот псалтир, оп 47 за два сопрана, тенор, бас, хор, детски хор и симфониски оркестар. Само набројувањето на сите овие имиња, солисти, состави, камерни оркестри и оркестри е доволна потврда дека програмата и годинава ги оправда очекувањата на љубителите на музиката.


Селекторот на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ Александар Поповски најави дека подготовките за следното фестивалско издание започнуваат веднаш по завршувањето на годинешното издание.
–„Охридско лето“ е еден фантастичен фестивал. Како селектор ги гледам можностите што овој фестивал ги има и што се може да се направи. На едно место во месец и половина да собереш таква елита на уметници од толку многу земји е голема предност како за Охрид, така и за цела Македонија. Она што го видов и она на што ќе инсистирам за следната година е домашната продукција на претстави. Би сакал секој театар во Македонија да подготви претстава што ќе биде наменски презентирана првин овој фестивал. Кога јас студирав, главниот момент во сезоната доаѓаше на „Охридско лето“ каде што беа главните претстави, а потоа претставите започнуваа да играат на редовниот репертоар. Ќе инсистирам сите претстави да се играат на отворено и на нови простори, рече Поповски.
Една од идеите, како што најави Поповски, е фестивалот „Охридско лето“ да има своја продукција како што има фестивалот во Дубровник.
-„Охридско лето“ мора да има една претстава во сопствена продукција. Тоа ќе го направиме следната година, додаде селекторот на драмската програма Александар Поповски, на завршната прес-конференција на фестивалот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани