За Заев референдумот успешен, за Мицковски пораз на власта

Околу една третина од регистрираните гласачи гласаа на референдумот за промена на името и за членство во ЕУ и НАТО.

Премиерот Зоран Заев рече дека огромното мнозинство граѓани кои гласаа го избрале европскиот пат за Македонија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека референдумот е неуспешен.

Заев – Ако не обезбедиме мнозинство во Собрание, ќе одиме на избори

Време е пратениците да го следат гласот на народот, изразен на референдумот, но доколку не се обезбеди мнозинство од 80 пратеници, опцијата што останува се предвремени избори што е можно поскоро, изјави премиерот Зоран Заев нешто пред полноќ, по завршувањето на референдумот. Тој им се заблагодари на сите што гласале, без разлика каков глас дале, а им се заблагодари и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ што гласаа. Гласот на тие што гласаа денеска е сериозен влог во иднината на Македонија, вели Заев.

„Да не се играме играчки, да не се играме со иднината, да ги ставиме нашите интереси настрана, националните интереси се над сè, оваа прашање е поголемо од сè и од нашите партиски интереси, имаме обврска да ја направиме Македонија подобро место, во спротивно друго што преостанува се предвремени парламентарни избори веднаш“, рече тој.

Заев вели дека сега не знае колку пратеници во Собранието би гласале за, но знае дека требаат 80 пратеници. Смета дека изборите не се неопходни, па затоа ќе се обидат да обезбедат мнозинство, но ако нема, веднаш ќе се оди на избори, дури би можело и до крајот на ноември да се одржат.

„Ќе направам сè, ќе побарам и средба со Мицкоски, со раководствата на политичките партии и со пратениците да поразговараме. Во едни вакви околности, зошто немаше директен одговор од Мицкоски тоа само потврдува дека не треба да си играме играчки и дека треба сериозно да засукаме ракави и дека треба да работиме за доброто на граѓаните. Парламентот е на ред, знаејќи дека Уставот предвидува повеќе од 30 дена од распуштање на Парламентот, но дава можност и за 45 за предвремени избори, крајот на ноември е примамлив датум, секако тоа ќе го дискутирам и со правниците, со стручните служби”, рече Заев.

Мицкоски: Пораз за власта

Претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, оцени дека тие кои апстинирале од гласањето ја испратиле најважната порака – ова е Македонија, тука живеат Македонски, идентитетот и јазикот се македонски. Мицкоски вели дека власта е таа што треба да ја почитува волјата на граѓаните.

„Ова денеска е пораз не само за Договорот, туку и за криминалот на власта, за уништената економија, неостварените ветувања, народот е на нозе, а никој до сега не победил народ, денеска народот даде вредносен суд, Заев е делегитимиран, неговите политики паднаа. Луѓето саакат во ЕУ и НАТО, но се против договорот на Заев и Ципрас“, вели Мицкоски.

На новинарско прашање дали овие резултати од референдумот се најава дека ќе побараат предвремени парламентарни избори, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ рече дека бројките се немилосрдна категорија која многу јасно го одразувала расположението на граѓаните.

„Ова беше битка за Република Македонија, не беше битка за предвремени или какви било други избори, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со нејзините активности за пронаоѓање вистински решенија за подобар живот на нашите сограѓани“, рече Мицкоски на прес-конференцијата во партиското седиште во кое поддржувачите на партијата постојано извикуваа Македонија и ВМРО-ДПМНЕ.

Пред Собранието,пак, бојкотирачите на референдумот прославија што нема цензус, со игра, песна и македонски знамиња.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани