Клиниката за кардиологија во комлексот „Мајка Тереза“ и Кардиолошкиот завод Охрид денес ќе се обојат во црвено светло, во траење од два часа, во знак на одбележување на Светкиот ден на срцето.
Под покровителство на „Алкалоид“ АД Скопје во периодот од 18 до 21ч. медицинските установи ќе бидат осветлени во црвена боја, а искусните лекарски тимови ќе делат совети за превенција на срцевите заболувања.
Од Клиниката Скопје објаснуваат дека преку овој настан сакаат да го свртат вниманието за подобра превенција на срцевите ризик фактори и подобрување на здравите животни навики.
„Целта е подигнување на јавната свест за болестите на срцето, како главен причинител за смртност, да се подигне нивото на здрави животни навики, како физичка активност, намален внес на сол во исхраната, намалување на телесната тежина и др. Годинава Светскиот ден на срцето се одбележува под мотото „И моето срце, и твоето срце“. На тој ден, и целата недела потоа, низ целиот свет се организираат различни кампањи, промоции, активности, со цел да се привлече вниманието кон одредена срцева болест, зависно кое е мотото таа година“, се вели во соопштението од Клиниката за кардиологија.
