Воведувањето на недела неработен ден дополнителен товар и за охридските занаетчии, кои последните две години под ударот на пандемијата едвај врзуваат крај со крај.
Од Регионалната занаетчиска комора велат дека занаетчиите самоволно треба да одлучат дали ќе работат во недела, со оглед на тоа што тие немаат вработени туку самостојно ја извршуваат дејноста.
Од оваа мерка особено погодени се занаетчиите кои произведуваат охридски бисер, филигран, производи од кожа, сувенири што се посебно атрактивни за туристите.
Ова свое барање занаетчиите ќе го произнесат пред министерството за труд и социјална политика.
„Голем дел од занаетите сакаат да работат во недела и би требало да работат, бидејќи ние сме самостојни вршители на дејност и не злоупотребуваме никого. Не користиме работници да би ги злоупотребиле да работат во недела , него работиме ние самите занаетчии. Оние кои мислат дека имаат потреба би требало да можат да работат во недела. На 14 ти овој месец е закажана средба со министерката за труд и социјална политика ќе се обидеме нешто да добиеме бидејќи тоа ќе е добро за занаетчиите, но и ќе биде општо добро и за градот како туристичко место“, вели претстедалот на регионалната занаетчиска комора Сашо Богоески.
И покачувањето на минималната плата ќе биде дополнителен товар за занаетчиите. Особено ќе бидат погодени малите занаети кои едвај ги покриваат тековни трошоци.
„Занаетчиството е нископрофитабилна дејност секое зголемување, овој пат на платите удира врз приходот на занаетчиите, кој ионака е доста мал. Со зголемувањето на минималната плата се зголемуваат и придонесите за плата. Тука има мала поволност што владата одобри субвенционирање на разликата во придонесите, но тоа ќе биде само до крај на годинава. За ситните занаетчии, за самостојните вршители на дејност, секое зголемување на платата е лошо бидејќи ионака се нископрофитабилни едвај би собрале пари да ја поминат бруто платата минималната од 18 000 денари“, вели Богоески.
Воведувањето на овие мерки од страна владата, дополнително ќе го намали бројот на занаетчии во градот, кој во пандемијата е намален Во недостиг на субвенции за поддршка на занаетчиството и доколку владата и натаму не преземе мерки за поддршка занаетчиството полека ќе измура, велат од Регионата комора.
Новинар Соња Рилковска
