Воведување дополнителни чартер летови Измир-Охрид и Измир-Скопје како редовна линија, најавува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски по настапот на неодамна оддржаниот Источномедитерански меѓународен саем на туризам и патувања (EMITT) во Истанбул.
Охрабрен од големиот интерес за македонските туристички потенцијали Јанески очекува да се зголеми бројот на турски туристи во текот на престојната туристичка сезона.
„ Во 2019 година турскиот пазар ни беше прв пазар во Македонија. Во 2021 година први се српските туристи. Преговорите течат за авио-линијата Белград-Охрид. Во 2022 година зачекоруваме кон една нова реалност каде што туристичкиот сектар покрај тоа што се прилагодува ќе треба многу брзо да стартува со нови понуди и нови промотивни кампањи, промотивни информативни патувања и заеднички настапи со општините на престојните меѓународни саеми“, вели Јанески.
Од 24-ти до 27-ми март ќе се оддржи Саемот во Белград каде Охрид заедно со туристичкиот сектор ќе ги претстави своите туристички можности.
„Се надевам дека ќе имаме уште повеќе атракции уште повеќе адреналински сегменти во нашата понуда и многу повеќе туристи за разлика од 2021 година“, смета Јаневски.
Очекувањата според стратешкото планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за реализација од 2,2 милиони ноќевања во 2021 година се надминати.
„Педесетина проценти повеќе имаме зголемување на бројот на ноќевања што во овој момент е многу поважно од бројот на туристи. Тие туристи кои ги посетуваат нашите дестинации повеќе остануваат односно приливот во туризмот се очекува да биде поголем и се надевам дека 2022 година ќе очекуваме нешто над 2,5 милиони ноќевања, сличен или ист прилив од туризмот како од 2019 година“, вели Јаневски.
Регионот, според Јаневски е значаен за државата. Според статистиката во 2021 година има поголем број ноќевања на српските туристи отколку во 2019 година. Токму затоа годинава акцент ќе се става на промотивни активности во регионот и во традиционалните пазари. Потврдени биле и чартер линии на холандски и полски тур-оператори а се очекува и соработка со тур-операторите од Руската Федерација како и воспоставување на новиот лет Тел Авив -Скопје на крајот од мај.
