Воената состојба во Украина ќе се одрази врз туризмот

Воената состојба во Украина ќе ја продлабочи глобалната економска и енергетска криза а како последица на тоа туризмот ќе претрпи огромни штети, сметаат туристичките работници од Охридско-Струшкиот регион.

Според нив воената криза во Украина ќе се одрази и кај нас, не само по бројот на туристи туку и врз нивната потрошувачка моќ.

„Воената криза во Украина секако ќе се одрази кај нас не само по бројот на туристи кои би дошле туку тоа влијае врз поскапувањето на енергенсите, поскапува се а со тоа се намалува моќта на секој турист од било која држава да потроши и да направи одмор од 15- 20 дена. Во ваква состојба ќе направи одмор од 5 дена. Се намалува куповната моќ кај народот и ќе биде многу тешко за нас да направиме цени со кои би можеле да сме атрактивни и да направиме обрт и да плаќаме плати и скапа струја и скапи производи“, вели претседателот на Хотелската асоцијација ХОТАМ, Крсте Блажески.

Украинските туристи пред кризата имале интерес за летување на охридско-струшката ревиера но сега неизвесноста е голема смета Климент Наумов, претседател на Здружението на туристички водичи. Наумов очекува компромис и разум кај големите сили да ја решат состојбата на маса.

„Украинските туристи изминативе две сезони беа присутни во Охрид. Доаѓаа директно во договор со локални туроператори но и преку туристички агенции од регионот, од Албанија која важи за летна туристичка дестинација која успеа да привлечи голем број на клиентела од Полска, Холандија но и од Украина. Да се надеваме дека состојбата нема да ескалира и за брзо ќе дојде до примирје и ќе се затиши оваа состојба. Доколку состојбата ескалира последиците би биле незамисливи. Иако се наоѓаме многу далеку ќе бидеме директно погодени и едноставно ќе се соочиме со дополнителни загуби доколку ескалира воената состојба помеѓу Русија и Украина“, вели Наумов.

Туристичките работници стравуваат од раст на инфлацијата оти, како што велат, Македонија не е подготвена да се справи со дополнителна криза.

„Ќе се соочиме со еден голем проблем, инфлацијата ќе биде на многу повисоко ниво од колку е моментално. Сега имаме енергетска криза но замислете тоа компарирано со воена криза. Во војна се е дозволено и тука ќе почнат да функционираат и воените профитери, ќе има недостаток на намирници значи и самата држава нема да може да го најде крајот на оваа состојба а моментално Македонија не е подготвена за дополнителна политичка ескалација односно да има војна, колку и да е далеку ако сме ги имале тие туристи кои доаѓале сепак било блиску“, сметаат туристичките работници.

Доколку има потреба хотелиерите се спремни да ги отварат вратите за бегалците од Украина.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани