Како што истакнуваат мештаните на с. Велестово и здруженијата ,, Велестово”, ,, Грашница” и ,, Енхелеус” , веќе 20 години во ова атрактивно село кое се наоѓа во НП Галичица, неконтролирано никнуваат дивоградби чии сопственици се поранешни и актуелни моќници од цела Македонија, пишува во соопштението до јавноста од Левица Охрид.
-Дивоградбите , всушност се високи повеќекатници што е спротивно на препораките на УНЕСКО , во овој заштитен појас да нема повисоки градби од П + 1. Се градат и хотели и тоа без донесен урбанистички план. Левица Охрид ги поддржува граѓаните и веќе споменатите здруженија во борбата против дивоградбите и урбаниот хаос во Велестово и упатува апел до заспаната градежна инспекција во Охрид конечно да почне да ја работи својата работа за која е платена од граѓаните. Јасно е дека со својата корумпираност добро профитираат создавајќи го овој урбан хаос во Охрид и ги полнат своите банкарски сметки, со што го уништуваат градот , поради што денес УНЕСКО ни дише во врат, а Охрид е доведен до ситуација да го изгуби статусот Град на УНЕСКО. Токму поради тоа , урбаната мафија не треба да ја бараме во градежните претпријатија , туку во Секторот за урбанизам во Општина Охрид. Предупредуваме дека трпението на граѓаните е веќе при крај и конечно се подготвени да се борат до крај со корумпираните надлежни служби , а Левица Охрид недвосмислено ќе застане во одбрана на интересите на граѓаните, стои во соопштението.
ФОТО Левица Охрид
