Седумчленото семејство Орловски од Запорожје , Укрина веќе десетина денови живее во Струга.
Бесплатно се сместени во вила во центарот на градот и добиваат хуманитарна помош во храна и облека од стружани.
Сопственикот на вилата, Алберт Хани го отвори својот дом, без никаков надомест. Од хуманитарни побуди преку социјалните мрежи, вели понудил помош за бегалци од Украина.
-„Немаме намера да профитираме од тагата на луѓето кои што заслужуваат да живеат едноставно во мир. Ние сме спремни да ги поддржиме колку што можеме финансиски, но добредојдена е помошта која ја добиваме од сограѓаните од тука во Струга па и околината од Охрид, Битола, Скопје итн. Цела Македонија има добронамрни луге кои помагаат на семејството а тоа е заедничка вредност добродушноста, гостопримливоста кои треба да ги зачуваме “, вели Алберт Хани сопственик на вила во Струга.
Владимир и Марија со своите пет деца, уште едно дете од пријатели, кое го понеле со нив и кучето миленик се привикнуваат на животот во градот на мостовите. Со голема болка раскажуваат дека во нивната земја страдаат невини жртви.
-„ Мариупол е многу блиску до нашиот град Запорожје, околу 200 километри оддалеченост. Во Мариупол е ужасна состојбата и луѓето кои сакаат од таму да пребегнат во блиските градови се жртви на војската, ги убиваат, пукаат во мирољубиви граѓани“, вели Владимир Орлоски.
Марија е лекар нутриционист, а сопругот бил благајник, бараат работа за самостојно да ја обезбедуваат својата егзистенција. Во тага по сопствениот дом, спокојниот живот и својата татковина, од каде избегале во страв поради секојдневните пукотници, бомби и гранати, сега живеат во надеж војната што поскоро да заврши и набрзо да се вратат кај своите роднини и пријатели.
Новинар Соња Рилковска
