Нови социјални услуги за лицата со попреченост во Струга. Одмена на семејна грижа и нега во домот, се двете услуги кои ги воведува Здружението „Порака Нова“.
За прв пат нега и помош ќе добиваат лицата со Алцхајмер, мултиплекс склероза и лица на кои им е потребна палијативна нега.
Овие услуги треба го олеснат животот на лицата со посебни потреби и нивните семејства.
„Одмена на родителот во неговите секојдненвни обврски околу лицето со попреченост. Во рамки на оваа услуга негователи ќе работат со лицата со попреченост. Нега во домот се однесува на лица со мултиплекс склероза, на пациенти со Алцхајмер и луѓе на кои им е потребна палијативна нега“, вели Анита Гагоска од ЗГ „Порака Нова“ Струга.
После тримесечни обуки негователите ќе бидат вработени и ќе се поврзуваат со лицата на кои им е потребна услугата.
„ Добиваат лиценца која што е признаена од министерство за образование и наука која што во друг случај чини многу пари а овде ја добиваат бесплатно. За периодот на обука и тие ќе бидат платени плус добиваат загарантирано вработување после тоа“,додава Гагоска.
Во Струга од лани има и персонални асистенти, кои им помагаат на стари и изнемоштени лица. Новите услуги за лицата со посебни потреби се дел од десетмесечен пилот проект, кој во иднина треба да продолжи.
Новинар Соња Рилковска