Општина Вевчани ги известува сите заинтересирани правни и физички лица дека за време на карневалските денови, од 12 до 14 јануари, поставувањето штандови на територијата на општината ќе се врши под строго утврдени услови, согласно насоките добиени од Управата за јавни приходи (УЈП) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Општината ќе склучува договори за времено користење на јавна површина за поставување урбана опрема (привремени објекти – штандови и слично) исклучиво со правни лица и физички лица вршители на дејност.
Правните лица и самостојните вршители на дејност се обврзани за секоја локација да регистрираат посебна деловна единица во Централниот регистар, да обезбедат фискален апарат за секое продажно место и за секој извршен промет да издаваат фискална сметка. Дополнително, на видно место треба да биде истакнато соопштение за обврската на купувачите да бараат фискална сметка, а остварениот промет да се евидентира во книгата за дневни финансиски извештаи.
Договор за времено користење површина може да се склучи и со физички лица кои вршат дејност од времен карактер и продаваат сопствено изработени рачни ракотворби. Овие лица се должни, пред започнување со работа, да поднесат барање за паушално оданочување со данок на личен доход до надлежната канцеларија на УЈП, со цел да добијат решение за паушално оданочување.
Општина Вевчани информира дека нема да склучува договори со физички лица кои вршат продажба на храна и пијалаци или трговија. За овие дејности, договори ќе се склучуваат исклучиво со правни лица.
Секое правно лице кое ќе склучи договор е должно да поднесе барање до Агенцијата за храна и ветеринарство за отворање подружница, при што дополнителни информации можат да се добијат во канцеларијата на АХВ во Струга.
Од Општина Вевчани потенцираат дека за секое непочитување на насоките и препораките на УЈП и АХВ, одговорноста ќе ја сносат самите правни и физички лица, согласно законските прописи.
