Сѐ е подготвено за најголемата црковно-народна манифестација Богојавление – Водици во Охрид. И годинава пријавени се стотици капачи, меѓу кои покрај охриѓани има и верници од повеќе градови. Температурата на водата во Охридското Езеро изнесува околу 8 степени, се очекува сончево време, но со северен ветер.
Светиот водосвет ќе го изврши митрополитот Дебарско кичевски Владиката Георги.
„Како што знаете, охриѓани од најмал до најстар живеат за овој празник. Самата симболика и името ни го кажуваат богојавувањето. Ова не е натпревар меѓу капачите, туку секој што ќе се пороси со светата вода добива благослов. Затоа ги повикуваме сите масовно да се вклучат во одбележувањето на овој за нас голем празник“, рече Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија.
За безбедноста на капачите ќе се грижат пет тимови на спасители на вода распоредени во чамци, три нуркачки тима, како и пет медицински тимови за укажување прва помош на копно.
„ Сите оние кои што чувствуваат некаква слабост имаат здравствен проблем да не влегуваат во вода. Да не се конзумира алкохол пред влегување во Охридското Езеро бидејки алкохолот рапидно ја намалува телесната температура. Оние што ќе влегуваат да не се задржуваат не подолго од три до пет минути“, вели Сашо Точков претседател на Црвен крст.
Охрид ќе блеска од празнична возбуда – илјадници верници ќе го следат осветувањето на водите на езерото, додека стотици капачи, со храброст и вера, ќе се впуштат во студените води, стремејќи се кон Светиот крст и да го почувствуваат благословот на празникот.
