Групацијата за производство на цигари, која делува во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија, предупредува дека предложениот нацрт-закон за заштита од пушење може сериозно да ги загрози тутунската индустрија, малите и средни претпријатија, како и вкупната економија во земјата.
Иако ја поздравуваат иницијативата на Министерството за здравство за модернизација на законската регулатива, од Групацијата сметаат дека предложениот текст создава правна неусогласеност со постојните закони, особено со Законот за тутун, тутунски и сродни производи, и може да поттикне нелегална трговија со тутунски производи.
Од таму бараат активно вклучување на сите засегнати страни во изработката на законското решение, како и разумен транзициски период за негова примена, со цел да се избегнат сериозни финансиски и економски последици. Истакнуваат дека индустријата располага со експертиза и научно искуство кое може конструктивно да придонесе кон подобрување на законскиот предлог.
Според Групацијата, нацрт-законот е изработен според словенечки модел кој не е целосно применлив во Македонија, каде тутунот е стратешка земјоделска култура, а тутунската индустрија има значаен придонес во државниот буџет, извозот и вработувањето.
Посебна забелешка се однесува на изедначувањето на цигарите и алтернативните тутунски производи во исти категории, што, како што наведуваат, е спротивно на постојната регулаторна рамка и научните истражувања кои укажуваат на разлики меѓу овие производи.
Групацијата предупредува и на сериозно негативно влијание врз малопродажниот и угостителскиот сектор, со ризик од затворање на над 4.000 мали и семејни бизниси, како и губење на работни места. Дополнително, сметаат дека предложените забрани нема да доведат до намалување на бројот на пушачи, туку ќе ја зголемат нелегалната трговија и ќе ги намалат буџетските приходи.
Како трет клучен проблем го посочуваат недоволно јасното дефинирање на мерките и локациите каде пушењето е дозволено или забрането, што може да доведе до различни толкувања и проблеми во спроведувањето на законот.
Од Групацијата апелираат на темелна доработка и усогласување на законот со македонската економска реалност и принципите за намалување на штетноста, преку сеопфатни консултации со сите засегнати страни, со цел истовремено да се заштити јавното здравје и економијата.
