Протест и на Ќафасан: Од денеска стоп за камионите на граничните премини

Министерството за внатрешни работи информира дека е доставена најава за одржување јавен протест од страна на асоцијацијата „Макам-транс“, кој започнува денеска (26 јануари 2026 година) во 12:00 часот.

Протестот, како што соопштува МВР, ќе се реализира на повеќе гранични премини, меѓу кои и граничниот премин Ќафасан кон Албанија.

„Протестот ќе се манифестира со ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, односно со затворање на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено на сите гранични премини“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според најавата на организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано доколку се надминат причините поради кои е организиран.

Од МВР посочуваат дека ќе преземат соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир и за обезбедување безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.

Воедно, од Министерството апелираат до граѓаните и превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани