Годинашниот зимски цензус на водни птици укажува на загрижувачки пад на нивниот број на Охридско Езеро, покажуваат податоците од истражувањето што го спроведе Македонско еколошко друштво.
Според резултатите од пребројувањето кое заврши деновиве, во 2026 година се евидентирани 14.744 водни птици, што е за речиси 12.000 помалку во споредба со 2025 година, кога биле регистрирани 26.704 единки.
Податоците јасно покажуваат дека Охридското Езеро е подрачје со најизразени и најбрзи промени во бројноста на водните птици во земјава. Само во една година, бројот може да се зголеми или намали за повеќе од 15.000 единки.
Во изминатите шест години, најмал број водни птици е забележан во 2024 година – само 11.140, по што следеше нагло зголемување во 2025, а годинава повторно драстичен пад.
„Споредено со податоците од последните пет години, промените на Охридското Езеро се најдинамични. Кај Преспанското Езеро се бележат флуктуации, а популацијата на водни птици на Дојранското Езеро, иако мала, е релативно стабилна“, вели Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во МЕД.
Таа нагласува дека причините за ваквите промени допрва ќе се анализираат, преку согледување на сите можни фактори и споредба со податоците од другите европски земји.
За разлика од негативниот тренд на Охридското, на Преспанско Езеро се бележи постојан пораст на бројот на водни птици. Од 6.133 единки во 2024, бројката во 2026 достигнала 14.364, што претставува зголемување од околу 4.000 птици за една година.
Позитивен тренд е регистриран и на Дојранско Езеро, каде што бројот на водни птици годинава е поголем за околу 2.000 единки, покажуваат резултатите од зимското пребројување.
