Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, по објавите во дел од медиумите дека Јавното обвинителство отворило предмет по ревизорскиот извештај, вели дека станува збор за помпезни и сензационалистички наслови и дека отворањето предмети за предистрага е законска постапка која се применува по секој ревизорски извештај. Според него, времето ќе ја покаже вистината, а последниот извештај е најуспешниот што Општина Охрид го добила досега.
„Она што е најинтересно се овие помпезни и, би рекол, авантуристички наслови од страна на одредени медиуми и злоупотребувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија, дека бил оформен некаков предмет“, вели Пецаков.
Градоначалникот посочува дека согласно закон, сите ревизорски извештаи задолжително се доставуваат до надлежните институции, вклучително и до Јавното обвинителство, и дека Општина Охрид е целосно отворена за соработка.
„По закон, сите државни ревизорски извештаи се доставуваат до институциите, вклучително и до Јавното обвинителство, и доколку Јавното обвинителство има потреба од дополнителна документација, ние ќе ја доставиме. Времето е тоа што ќе ја покаже вистината“, вели Пецаков.
Во ревизорскиот извештај се нотирани и забелешки во однос на неотстранувањето на дивоградбите. На овие забелешки, градоначалникот одговара дека проблемот е долгогодишен, не само во Охрид, туку и на ниво на целата држава, и дека општината преземала активности, но без резултат поради недостиг од интерес од фирмите.
„Бројот на дивоградби кој што е евидентиран и регистриран врз основа на препораките и мерките на УНЕСКО, заедно со постапувањето и прашањето зошто не се рушат, како локална самоуправа, во четири години, додека бев градоначалник, во три години имавме по два пати годишно неуспешен тендер за отстранување, затоа што немаше интерес од компаниите“, додава Пецаков.
Тој нагласува дека проблемот со дивоградбите е системски и дека општините немаат доволен капацитет за нивно уривање, поради што темата е отворена и на ниво на ЗЕЛС и во комуникација со државните институции.
Според градоначалникот, и покрај забелешките, ревизорскиот извештај за периодот од 2018 до 2025 година е најуспешниот во историјата на Општина Охрид, особено во делот на финансиското работење, процедурите и документацијата.
„Ќе повторам и ќе кажам дека историски најуспешниот извештај што Општина Охрид го има добиено е овој ревизорски извештај. Би рекол зошто е најуспешен – не зборувам само генерално, туку и за она што е најбитно, а тоа е материјално-финансиското работење, начинот на трошење на јавните пари, постапките и сето она што ние како општина сме го правеле“, вели градоначалникот.
Новинар: Соња Рилковска
