Со повеќедневна културна програма, Општина Охрид, заедно со НУ Центар за култура „Григор Прличев“, НУ Библиотека „Григор Прличев“, ООУ „Григор Прличев“, НУ Завод и музеј – Охрид и Друштвото на писателите на Македонија, ќе го одбележи споменот и значењето на големиот поет и преродбеник Григор Прличев.
Традиционалната културна манифестација „Прличеви беседи“ ќе се одржи на 5 и 6 февруари 2026 година во Охрид, со низа свечености, книжевни, културни и образовни настани посветени на неговото богато творештво и историско наследство.
Програмата започнува на 5 февруари со промоција на книгата „Охридска книжевна историографија“, по што ќе следи свеченост посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“. Во рамки на настанот ќе биде изведена и поемата „Сердарот“, ќе бидат врачени признанија за најдобра поема за 2025 година, како и наградата „Григор Прличев“.
Во текот на денот ќе се одржат и полагања свежо цвеќе и ловорови венци пред спомен-бистата и гробот на Прличев, како и пригодни обраќања на претставници на културни институции и Друштвото на писателите на Македонија.
Во вечерните часови е предвидена „Прличева визита“, со премиера на документарен филм посветен на Прличев, како и доделување на наградата за најдобра беседа за 2026 година.
Програмата продолжува на 6 февруари со литературни и поетски настани, читање наградени творби, музичко-поетски изведби и свечена приредба по повод патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“.
Со оваа програма, Охрид уште еднаш ја потврдува својата заложба за негување на културното наследство и зачувување на ликот и делото на еден од најзначајните македонски поети и мислители.
