Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, на 6 февруари (петок) со почеток во 13:00 часот, со традиционалната манифестација „Прличеви беседи 2026“ достојно ќе го одбележи својот патронен ден.
Годинава, во рамки на општинската прослава, Библиотеката ќе ја одбележи свеченоста со премиера на документарниот филм „По стапките на Прличев“, работен по сценарио и режија на Милчо Јованоски, вработен во установата. Во филмот, преку искажувања на 11 еминентни професори, доктори на науки, слависти, македонисти и историчари, се осветлува животот и делото на Григор Прличев и неговото значење во XIX век.
На истиот настан, на младата Софија Стојанова од Струмица ќе ѝ биде врачена наградата за најдобра беседа за 2026 година на тема „По песната птиците се разликуваат“. Таа ќе добие ваучер во вредност од 9.000 денари и признание со ликот на Вториот Хомер – Григор Прличев.
Манифестацијата ќе ја отвори директорката на Библиотеката, Христина Трпеска, а ќе биде одржана и традиционалната Прличева визита со локум и леблебија.
„Со оваа манифестација ја продолжуваме нашата мисија да го негуваме и афирмираме ликот и делото на Григор Прличев, приближувајќи го неговото наследство до младите и до пошироката јавност“, информираат од охридската библиотека.
