ТАВ Аеродроми: Аеродромот во Охрид со Ниво 2 еколошка акредитација

Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид, со кој управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на ADP-групацијата, се стекна со Ниво 2 – Акредитација за управување со јаглеродни емисии на аеродроми.

Акредитацијата е доделена од Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI), во рамки на глобалната програма Airport Carbon Accreditation (ACA), како резултат на преземените активности за систематско мерење, анализа и намалување на јаглеродните емисии во работењето на аеродромот.

Достигнувањето на акредитацијата – Ниво 2 претставува официјално признание дека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид систематски ги мери, анализира и активно работи на намалување на своите јаглеродни емисии“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според него, ова признание ја потврдува стратешката определба на компанијата кон одржлив развој и заштита на животната средина.

Акредитацијата ја потврдува нашата посветеност кон меѓународните стандарди за одржливост и испраќа јасна порака дека заштитата на животната средина е стратешки приоритет во работењето на аеродромите што ги управуваме“, истакна Курт.

Ниво 2 акредитацијата значи дека охридскиот аеродром воспоставил јасни и мерливи цели за намалување на емисиите од Опсег 1 и Опсег 2, кои ги опфаќаат емисиите од потрошувачката на енергија, греење, ладење и возилата во сопственост на аеродромот.

Клучните мерки вклучуваат транзиција на возниот парк, зголемување на уделот на батериска и хибридна опрема, користење обновливи извори на енергија, оптимизација на потрошувачката, инвестирање во EV инфраструктура, подобрено управување со отпад и вода, како и обуки на персоналот и формирање Комитет за одржливост.

Програмата Airport Carbon Accreditation е единствената глобално признаена сертификациска шема за управување со јаглеродни емисии на аеродроми и опфаќа седум нивоа на сертификација – од Ниво 1 до Ниво 5.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани