По повод празникот Св. Трифун, од 13 до 15 февруари во Охрид ќе се одржи тридневен настан под наслов „Празник на виното“, посветен на виното, традицијата и културата на уживање.
Во текот на трите дена, посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина и ракии од повеќе македонски винарии и дестилерии, како и од странски производители, како и да се запознаат со различни вински стилови. Настанот ќе биде збогатен со музичка програма и содржини за различна публика.
Според најавената програма, во петок (13 февруари) од 17:30 часот е предвидена „after work“ винска атмосфера со македонска музика и евергрини. Во сабота (14 февруари) од 12:00 часот ќе бидат отворени штандовите, а во 17:30 часот е најавена винска вечер со ретро музика и регионални хитови.
Во недела (15 февруари) од 12:00 часот продолжуваат дегустациите, а паралелно ќе се одржи и детска креативна работилница „Од хартија до грозд“, посветена на рециклирање и креативност.
Организаторите посочуваат дека целта е да се создаде простор за дружење и уживање, во духот на празникот посветен на лозарите и винарите.
Настанот ќе се одржи во Охрид Мол и е отворен за посетители во текот на трите дена.
