Интензивно продолжуваат градежните работи на автопатот Кичево – Охрид, особено на делницата кај превојот Пресека. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, на социјалните мрежи објави дека работите на овој потег се одвиваат со засилено темпо.
„Се работи со полна пареа на Пресека. Планот ни е од село Извор преку превојот Пресека до село Врбјани да се вози по нов асфалт пред Велигденските празници“, напиша Трајановски.
Делницата кај Пресека важи за една од најкомплексните на трасата на автопатот, каде што во изминатиот период се изведуваат интензивни градежни активности со цел да се подобри безбедноста и проточноста на сообраќајот кон Охрид и југозападниот регион.
Во меѓувреме, проектот за изградба на автопатот повторно доби нов рок и дополнителни средства. Со најновиот анекс на договорот се предвидуваат дополнителни околу 186 милиони евра, а крајниот рок за завршување на автопатот е поместен на 31 мај 2027 година.
Дополнителните средства се наменети за работи што не биле предвидени во првичниот проект, меѓу кои стабилизација на свлечишта, изградба на 14 заштитни галерии, поставување нова безбедносна ограда, изградба на пристапни патишта кон населените места долж трасата, како и контролен центар за тунелите.
Автопатот Кичево – Охрид, долг околу 57 километри, се гради повеќе од една деценија и претставува еден од најголемите инфраструктурни проекти во државата. Со неговото целосно завршување се очекува значително да се скрати времето на патување меѓу Скопје и Охрид и да се подобри безбедноста на сообраќајот на оваа делница.




