На 8-та седница на Советот на Општина Охрид советниците расправаа за извештаите за реализацијата на програмите и буџетот за 2025 година, при што се разви бурна и на моменти детална дискусија околу реализацијата на капиталните инвестиции.
Од опозицијата посочија дека реализацијата на капиталните инвестиции и понатаму не е на задоволително ниво, иако дел од програмите бележат висок процент на реализација.
„Сите знаеме дека капиталните инвестиции се тие што донесуваат долгорочен развој, подобрување на инфраструктурата, подобар животен стандард и напредок на градот. Затоа сметам дека во иднина треба да се посвети поголемо внимание на реализацијата на овие капитални проекти, затоа што Охрид има потреба од повеќе реализирани проекти, а помалку нереализирани планови“, рече Јане Тодороски, советник од СДСМ.
На забелешките одговорија претставници од општинската администрација, посочувајќи дека голем дел од програмата за комунални дејности е реализирана.
„Програмата во која се содржани капиталните инвестиции има реализација од околу 80 проценти. Дел од проектите што не се реализирани се поради дополнителни работи или постапки, а дел од нив ќе се реализираат во наредниот период“, изјави Тони Иваноски од Секторот за комунални дејности.
На седницата беа разгледани и извештаите за работењето на основните и средните училишта, финансиските резултати на јавните претпријатија, како и реализацијата на програмите и буџетот на општината, по што советниците ги усвоија сите точки од обемниот дневен ред.
