Учениците од ООУ „Григор Прличев“ – Охрид ја посетија охридската Гимназија во рамки на кампањата за запознавање со можностите и условите за образование во училиштето.
Во текот на посетата тие имаа можност да го разгледаат кабинетот по информатика, каде професорите им ја претставија новата современо опремена СМАРТ училница. Учениците видоа како преку системот „Alexa“ може да се вклучи или исклучи телевизорот, осветлувањето и други уреди во просторијата.
Основците се запознаа и со „Evolution Robot“ – напреден едукативен робот кој може да се управува во реално време, но и целосно да се програмира според наставните потреби, како и со новиот 3Д печатач.
Во рамки на презентацијата беше демонстрирана и употреба на дрон, при што учениците се запознаа со основите на управување со беспилотни летала и нивната примена во современата технологија.
Преку ваквите практични активности, учениците имаат можност да се запознаат со роботиката, логичкото размислување, програмирањето и современите дигитални технологии кои им се достапни на учениците во Гимназијата во процесот на образование.

