Засилени контроли во Струга: Почнува акција против дивоградбите

Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, најави засилени мерки за справување со бесправните градби, оценувајќи дека овој проблем повеќе не смее да се игнорира, туку бара итна и координирана акција.

На работна средба со претставници на Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво, директорот Зухеир Реџепи, како и инспекторите Јетон Рустеми и Мевлан Рамадани, била разгледана состојбата на терен, при што било констатирано дека постои голем број на предмети наталожени со години, главно по поплаки од граѓани.

Во наредниот период, ќе започне заеднички инспекциски надзор меѓу локалните и државните инспектори, со посебен фокус на најчувствителните и ексклузивни зони, особено долж крајбрежјето на Охридското Езеро.

Целта на овие активности е, како што информираат од Општината, да се воспостави ред и почитување на законите, да се спречи нелегалната градба и да се заштити јавниот и природниот простор. Мерките се во согласност со насоките од централните власти и меѓународните партнери, каде борбата против дивоградбите е еден од клучните услови за одржлив развој.

Паралелно со контролите, најавени се и кампањи за подигнување на јавната свест против бесправното градење, особено во заштитените зони.

Градоначалникот Ќура упати апел до граѓаните да не градат незаконски, нагласувајќи дека општината останува отворена за сите барања и дека секој процес треба да се одвива согласно законските процедури и стандарди.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани