Охрид домаќин на тридневен социо-здравствен саем со бесплатни прегледи

Охрид од 3 до 5 април ќе биде домаќин на Социо-здравствен саем, тридневен настан посветен на превенцијата, раното откривање и унапредувањето на здравјето на граѓаните.

Свеченото отворање е закажано за 3 април (петок) во 11:00 часот во големата сала на Општина Охрид, по што се предвидени изјави за медиуми од организаторите и учесниците.

Настанот го организира Здружението на лица со дијабет – Охрид, во партнерство со аптеките „Виа Фарм“ и Центарот за ментално здравје „Психонаутика“, со финансиска поддршка од Општина Охрид.

Во текот на трите дена, посетителите ќе имаат можност да проследат панел-дискусии со лекари специјалисти, отворени разговори со институции и теми поврзани со хронични заболувања, примарна здравствена заштита и ментално здравје.

Кулминацијата на настанот е ЕКСПО денот на 5 април (недела), кој ќе се одржи на тревникот кај хотел „Палас“ од 12:00 до 15:00 часот. Таму граѓаните ќе можат:

  • да се сретнат со околу 20 здравствени установи, компании и организации
  • да добијат бесплатни мерења, советувања и стручни насоки
  • да учествуваат во активности за промоција на здрав начин на живот

Дополнително, ќе биде поставен и спортско-рекреативен мини полигон, со цел поттикнување на физичката активност како важен дел од превенцијата.

Со овој концепт, организаторите имаат за цел здравјето да го доближат до граѓаните, преку директна комуникација, практични совети и достапни услуги.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани