Чести прекини на струја во општина Вевчани

Жителите на Вевчани секојдневно се соочуваат со сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија, реагираат граѓаните кои велат дека ситуацијата станува неиздржлива.

Во изминатата недела, како што посочуваат, имало неколку прекини на струја, а најзагрижувачки е што дел од домаќинствата веќе трпат и директна материјална штета.

„Ни прегореа апарати, никој не сноси одговорност. Струјата доаѓа и оди како сака“, реагираат револтирани жители.

Според нив, честите осцилации и ненадејните прекини не само што го отежнуваат секојдневното функционирање, туку создаваат и ризик за оштетување на скапата домашна техника.

Дополнително, граѓаните укажуваат дека проблемот не е нов, туку се повторува, без конкретно и трајно решение од надлежните институции.

„Не може во 21 век да живееме без стабилно снабдување со струја. Бараме итно решавање на проблемот“, велат тие.

Одговор од надлежните засега нема, а трпението на граѓаните е при крај.

Вевчанци бараат итна интервенција и стабилизирање на електромрежата, предупредувајќи дека во спротивно штетите ќе продолжат да растат, а револтот – дополнително да се зголемува.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани