Охрид официјално се вклучи во Европските културни рути на Совет на Европа, со што уште еднаш се потврдува неговото значајно место на европската културна и духовна мапа.
Овој важен момент беше одбележан на Генералното собрание одржано на 21 април 2026 година во Аквилеа, каде Охрид стана дел од мрежата на градови и локалитети што ги поврзуваат заедничките европски вредности, културното наследство и историското паметење.
Признанието е потврда за историската и цивилизациска улога на Охрид како духовен и културен центар на словенскиот свет, тесно поврзан со делото на Свети Кирил и Свети Методиј, како и нивните ученици Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски, кои токму во Охрид ги поставија темелите на словенската писменост и духовност.

Во обраќањето на претседателот на Советот на Општина Охрид беше истакнато дека градот претставува „жива ризница на културно наследство и светилник на словенската писменост и духовност“, нагласувајќи дека традицијата што произлегува од делото на светите браќа и нивните ученици е жив мост што ги поврзува народите преку знаењето и вредностите.
Приклучувањето кон Европските културни рути отвора нови можности за меѓународна соработка, културна размена и развој на културниот туризам, што дополнително ќе го позиционира Охрид како препознатлива европска дестинација.
Охрид, со своите бројни цркви, манастири и археолошки локалитети, се наметнува како клучна точка на оваа мрежа, нудејќи автентично искуство – патување низ времето каде секој чекор сведочи за писменоста, верата и идентитетот.
Во таа насока, чествувањето на делото на светите Кирил и Методиј, особено на 24 Мај, останува жив доказ дека ова наследство не е само дел од минатото, туку и од сегашноста и иднината.
Од Општина Охрид порачуваат дека ќе продолжат со активна посветеност кон зачувување, унапредување и меѓународна промоција на културното наследство, со јасна визија – Охрид да остане светилник на културата, знаењето и духовноста во Европа и пошироко.
