Во сабота, 25 април 2026 година, во 15 часот, на Саемот на книга во Скопје ќе биде промовирана најчудната и најоригинална книга за деца кај нас и во светот со наслов: „Полжавчето што си го најде патот“ од Билјана Лотеска. Издавач на книгата е издавачката куќа специјализирана за издавање на литература за деца и млади „Едука Мак“ од Скопје.
Книгата „Полжавчето што си го најде патот“ е најчудното и најоригиналното издание, кај нас и во светот. Книгата се чита од средината надесно или налево и обратно, а детето го избира патот по кој ќе појде да ги чита двете исти, а толку различни приказни, обединети во една книга што завршува со среќен крај. Ова е книга што не се чита туку се доживува и поучува. Книгата го става детето во улога на креатор, истражувач и носител на одлуки, кои подоцна стануваат составен дел од неговиот секојдневен живот, а родителот е поставен во улога на поддржувач и помошник на своето дете, на кое му ја чита книгата. Секој избор отвора нова приказна, секој пат носи нова емоција и секое дете на приказната и дава свој уникатен крај. Во тоа максимално помагаат и оригиналните илустрации изработени од Бисера Лотеска.
Преку оваа нежна, исклучително терапевтска приказна, децата природно учат за храброст, трпеливост, добрина и самодоверба и уште многу нешта, станувајќи активен дел од раскажувањето. Ова е книга што поттикнува избор и самостојност, развива емоционална интелигенција и ја претвора приказната во интерактивно патување. Ова не е само книга, ова е најчудната книга објавена во Македонија и во светот.
„Полжавчето што си го најде патот“ е трета книга на писателката Билјана Лотеска. По првата книга со наслов „Жолти чорапи“ која беше многу месеци најпродавана книга на издавачот „Арс Ламина“, Лотеска ја објавува својата втора книга „Пчеличката Баз“ наменета исто така за децата, во издание на издавачката куќа „Едука Мак“, која беше наградена и промовирана во Македонскиот културен центар (МКЦ), во Белград, во рамките на манифестацијата „Денови на македонската литература за деца“
Но, таа како долгогодишен воспитувач кој ги освои сите професионални награди-најдобра воспитувачка (прво на општина Гази Баба, потоа на град Скопје, а беше прогласена и за најдобар воспитувач во Македонија), објави и два прирачника за работа во воспитните групи на деца со наслов „Детска планета“ за 3-4 години и “Детска планета“ за 5-6 години.
По повод излегувањето на оваа нејзина книга за деца, таа ни изјави:
-И во ова издание го вградив како воспитувачка сето мое искуство во работата со предучилишни деца што траеше 30 години. Сега како писхолог пак, внесов и нешто ново што според мене беше и е неминовно и потребно во литературата за деца. Имено, така и се роди оваа, и според рецензентите, педагогот м-р Маринела Бошева и истакнатиот македонски писател за деца Васил Мукаетов, книга што е прва, односно најчудна и најоригинална, во текстот и читањето од средината и пораките што таа ги шири, а е наменета за деца.
На нашето прашање што подготвува уште за објавување, таа ни потврди:
-Летово ќе излезе од печат мојата прва збирка со песни за возрасни со наслов „Тело во орбита“, потоа една интересна книга за деца која ќе биде за Фрида Кало,а е инспирирана од хорот „Фрида од Македонија“ и уште една книга за деца. Мислам дека ова е доволно за една година… Активно и непрекинато творештво.
Стојан Кукунешоски
